Стопански објекти
Османлиската Империја во XIX век доживеала бројни трансформации на економски и политички план, трудејќи се да биде во тек со останатите земји од европскиот континент. Таа полека, од една земја која била на периферијата на „Европската цивилизација и капитал“, се обидувала да се трансфорира во земја која би била еднаква со останатите Европски земји. Во наведениот период Битолскиот вилает се простирал на околу 32 000 километри квадратни површина Од тоа Битолскиот санџак се состоел од Пелагониската и Преспанската котлина, како две најплодородни земјишта. Основни, но и најголеми стопански дејности на вилаетот биле земјоделството и сточарството. Дијапазонот на земјоделското производство во Битолскиот санџак бил особено широк. Битола како стар економски центар и во периодот кога станла седиште на вилает, добила големо значење.
Битола во овој период доживеала економски процут. Станала своевиден индустриски центар. Најголемиот дел од објектите биле од прехрамбената индустрија и тоа 7 мелници со 20 валци. Парната мелница на Исмаил бег во Битола имала капацитет од десет тони мелено брашно, работела со 6 валци. Освен мелниците од прехранбената индустрија постоела уште и фабриката за бонбони и локуми на Герасим Сотиров, изградена во 1885 година. Постоеле и две фабрики за пиво, едната отворена во Буково 1890/91 со капацитет од 600 хл, која уништила дел од производството поради недостиг на магацински простор. Другата фабрика се наоѓала во селото Трново, но и таа немала долг век. Овие две фабрики како и уште една за шпиритус и една за зејтин, крахирале за многу кратко време најмногу поради немањето на стручен кадар, слабиот квалитет и надворешната конкуренција.
Текстилната индустрија, била послабо развиена. Постоеле само две фабрики за производство на гајтан во Дихово и Магарево. Фабриката во Дихово изградена во 1885 година започнала со производство во 1886 година. Преминала на парен погон во 1895 година и вработувала 220 луѓе, работејќи деноноќно. Работниците биле многу ниско платени и најголемата надница достигала до околу 5 пијастери, а употребата на женскиот и детскиот труд биле распространети. Фабриката во Магарево била подигната најверојатно во 1890 година и вработувала 800 работници. Следејќи го развојот на нештата, се пристапило и кон отворање на уште една предилница во Дихово и уште една фабрика во Магарево која би преработувала готова преѓа од англиско производство. Фабриката во Дихово произведувала 50 000 кг гајтани годишно што е еквивалент на целокупната побарувачка на Србија до раните деведесети, и по тој повод таму биле испраќани 12 000 – 15 000 килограми гајтан, кои биле складирани во Ниш. Била изградена и фрабриката за локуми на Герасим Сотиров како и мала хемиска фабрика за сапун и едно претпријатие за керамика.
Според пописот во 1890/1891 година и податоците објавени во салманамето на Битолскиот вилает во 1891 година, во Битола и околината имало 2 484 дуќани, 160 анови, 260 фурни, 40 казина-меани, 7 хамами, 2 печатници, 8 аптеки, 30 ресторани. Сходно на оваа богата дејност, со текот на времето се изградила една трговска елита од семејствата: Данабаш, Никаруса, Папазоглу, Мишајкови, Пондика и др.
Со вклучувањето на Османлиската Империја во светските економски текови нужно било таа да го реформира и својот финансиски систем. Во XIX век за прв пат биле отворени банкарски институции, за разлика од предходно кога единствен вид на вакви услуги пружале лихварите. Во Битолскиот санџак првата банкарска институција била филијалата на Солунската банка која го отворила своето претставништво во Битола во 1893 година. Веќе во 1903 година во вилаетското седиште била отворена и филијала на Царската Отоманска банка, која главно била насочена кон трансакции на владата. Во 1906 година било отворено представништво на Ориенталната банка.
Под влијание на напливот на странски индустриски производи и кревкиот развој на домашната индустрија, занаетчиите и нивните производи полека ги губеле своите позиции. Со Младотурската револуција, новите општествени промени, трговската војна меѓу Србија и Австроунгарија, се само дел од причините, кои негативно влијаеле врз развојот и опстојувањето на целокупното стопанство. Овие движења делумно може да ги проследиме и од пишувањата на Мехмед Тефик кој забележал дека во 1911 година во Битола имало: 1 138 дуќани, 1 410 магази, 12 фабрики, 40 меани, 5 казина, 26 воденици, 3 театри, 15 читалишта, 1 ледара, 36 пекарници, 14 аптеки, 20 табакани, 3 болници, 16 хотели, 106 анови. Веќе во екот на Балканските и Првата светска војна, Битола била разурната, разграбена и оставена да биде само една бледа сенка на своето славно минатото.