ТЕРМИНОЛОШКИ РЕЧНИК
абдест – обредно миење на муслиманските верници пред молитва.
аситане – централно, главно теќе на одреден дервишки ред.
ашик – вљубеник, заљубен; кандидат за стапување во дервишки ред.
баба – татко. Со ова име се нарекува старешината на дервишкиот ред; карактеристично е за тарикатот бекташи.
ваиз – службеник за верски прашања, кој дава верски совети. Проповедник кој во џамија околку половина час пред џума-намазот врши кратко предавање за моралните вредности на исламската религија.
деде – ʻдедоʻ или деде-баба, титула што им се дава на поглаварите на различни дервишки редови, особено на поглаварите на бекташкиот ред.
дервиш – тој што го следи суфискиот тарикат (пат). Познат по својата екстремна сиромаштија и испоснички живот, слично на монасите во христијанството. Во многу дервишки редови степен на верската хиерархија.
дова – лична молитва, не е врзана за било какви правила или ритуали.
езан – исламски повик за молитва. Го објавува муезин од минарето пет пати на ден, за секој намаз одделно. Првиот езан го изговорил Билал ибн Рабах, кого Мухамед го одбрал за прв муезин бидејќи имал исклучителни гласовни способности. Секој дел од езанот е одвоен со пауза и се повторува еднаш или повеќе пати. Во првот излагање секоја фраза е ограничена во тонски распон и е пократка. При повторувањето фразата е подолга, мелодична и со поголеми тонски осцилации, што можат да достигнат и преку октава. Целата заедница не е сложна околу потребата од мелодизација на езанот. Некои дури сметаат дека тоа е арам (забрането, недозволено).
зикр - „сеќавање“ на Бога, особено преку повторување на на имињата Божји како мантра за да се поттикнат алтернативни состојби на свеста. Суфиска богослужба.
илахија – пофална песна за Бога (Божествена хинмна).
имам – исламски верски лидер во заедницата.
имарет – бесплатна јавна кујна.
ислам – „потчинување“ на божјата воља.
кадија – судија кој го применува шеријатот.
калиф (халифе) – божји наследник. Титула на духовен поглавар кај муслиманите кој се смета за наследник на пратеникот Мухамед.
кибла – насока кон која треба да биде свртен муслиманот за време на молитвата. Во џамиите михработ во ѕидот го покажува правецот на киблата. Во првите денови киблата бил Ерусалим, подоцна мухамед го заменил со Мека.
кундекари (kündekari) била најчесто употребувана техника при ентериерно декорирање на џамиите. Тоа е техника на спојување штички со наковување. Најчесто била изведувана во комбинација со интарзија, а често била надополнувана и со резба. На овој начин дрвени предмети се украсувале уште кај Селџуците, но совршенство достигнала кај Османлиите.
махвил – (mahvil) - во внатрешниот дел на џамијата, над влезната врата, а долж целиот ѕид или само на средината се наоѓа галерија поставена на столбови од камен или од дрво. Тука, за време на молитвите стои муезинот. Тоа е и место за жени.
медреса – школа на муслиманското високо образование.
мектеб – основно училиште.
месџид (mescid) – исламски храм што нема минаре и во која не се клања во петок („џума намаз“) и за време на бајрамите. Во минатото месџид и џамија биле симоними за ист вид на објекти и не се правела никаква разлика помеѓу нив. Тоа го потврдуваат текстовите на вакафнамите во кои едновремено се употребени двата изрази: месџид и џамија за еден ист објект.
минбер – (minber) е говорница што се наоѓа десно од михработ. До неа имамот се искачува по скали од каде држи проповед.
мисафир хане – куќа за гости.
михраб (mihrab) – полукружна ниша поставена во внатрешноста на џамијата, на средината на јужниот ѕид, во правецот кон Мека, каде што стои имамот кој во заедничка молитва ги предводи верниците.
мудерис – учител, наставник на висока школа.
мутевели – тутор, раководител на вакаф, оној што се грижи за вакафот.
мусала (Musallî câmii) – во османлискиот период претставувал молитвен простор под отворено небо за заедничка молитва во време на двата бајрама. Најчесто подот и михработ биле од мермер. Поимот исто така може да се однесува на просторија, структура или место за спроведување на салах (канонски молитви) и означува „сала за молитва“. Во денешно време ваквите мусали обично се присутни на аеродромите, во трговските центри, во болниците и на други јавни места во земји со мнозинско муслиманско население, како и во некои немуслимански земји, за муслиманите да ги одржуваат своите дневни молитви. Обично мусалата нема минбер.
мухарем – првиот месец од исламскиот календар.
намаз (или салат) – е најзначаен вид на молитва кај муслиманите. Тој претставува еден од петте столба на исламот кај сунитите и еден од десетте чинови на исламот кај шиитите. Намазот е ритуална молитва и се состои од одредени движења и зборови. Не е задолжително молитвата да се извршува во џамија, може да се изведе во домот или на кое било друго место. Важно е верникот да биде свртен кон Мека.
руми (rumi) - стил во турската декоративна уметност (се нарекува и селџучки). Се состои од орнаментика со мотиви што произлегле со претворање и стилизација на зооморфни обилици во растителни и апстрактни форми.
седефкари (sedefkari) - апликација на седеф врз дрво.
семахане – просторија во која, одредени дервишки редови ги извршуваат своите верски обреди.
сунет – практичен живот, она што го извршувал пратеникот Мухамед за време на неговиот живот.
суфизам – внатрешна, езотерична димензија на исламот. Начин на живот насочен кон остварување на Божјата Вистина. Трагање и соединување со Бог, што се остварува преку духовен пат – тарикат. Слично со тасавуф.
тарикат – пат (и во буквално и во преносно значење), метод на култивација; суфиски ред. Терминот тарикат подразбира цел систем на обреди за тренирање и методика на обучување на ученикот (мудир).
тасавуф – в. Суфизам
теќе - суфиско светилиште. Место каде што се извршуваат верските обреди на дервишките редови. Понекогаш тука живее и старешината на дервишкиот ред.
турбе – гроб, гробница; најчесто во турбето се погребуваат видни шејхови.
улема – верски научници.
хадис – во буквален превод значи говор, случување, вест, а се однесува на кое било раскажување, настан што се случил под раководство на пратеникот Мухамед; молитва.
хатиб – проповедник во џамија, кој врши верско обраќање за време на петочната молитва. Најчесто овој термин се употребува по титулата имам – имам-хатиб, бидејќи најчесто имамот е тој што врши верско обраќање пред верниците.
хаџ – аџилак во Мека. Еден од петте столбови во исламот.
џамија (câmi) - исламски храм со едно или повеќе минариња. Месџид и џамија се симоними за ист вид на објекти. Во минатото не се правела никаква разлика. Тоа го потврдуваат текстовите на вакафнамите во кои едновремено се употребени двата изрази месџид и џамија за еден ист објект.
џемат – темелн, основна организациона единица на припадниците на исламската вероисповед. Муслиманска верска општина, парохија. Исто така се употребува и за верниците во џамијата.
џума-намаз – петочна молитва кај муслиманите.
шабан – осмиот месец во исламскиот календар.
шадрван – фонтана. Задолжителен елемент пред секое исламско светилиште. На тоа место верниците земаат абдест пред да одат на молитва.
шејх – духовен водач, суифски учител, Шејхот е личност со високи духовни вредности, способен да ги води учениците низ духовните станици. Без него како средиште на различната комуникациска пракса би било невозможно веникот да се движи по патеката.
шејхзаде – потомок, син на шејхот.
шеријат – исламски духовен закон. Првата од четирите порти во суфизмот низ која треба да помине верникот при неговото духовно патување.