Скопје има разновидно и богато културно-историско наследство. Секоја цивилизација оставила трајни белези во развитокот и животот на градот од најстарите времиња до денес. За ова зборуваат неколкуте археолошки локалитети, средновековните цркви и османлиските објекти од религиозен и световен карактер. Токму недвижното османлиско културно наследство на град Скопје е цел на нашиот интерес, кое во продолжение ќе се обидеме да го презентираме, односно ќе направиме еден преглед на објектите што биле изградени во Османлискиот период во Скопје кој бил во состав на Османлиската Империја од 1392 до 1912 година.
Османлиски период
Во 80-те години на XIII век Османлиите навлегле во Мала Азија, а само еден век подоцна биле присутни и во Европа. Османлиската Империја спаѓа меѓу најголемите политички сили кои влијаеле врз историјата на Балканот во текот на еден многу долг период. Всушност, од почетокот на XIV век, па сé до почетокот на XX век, османлиската држава била најголемата политичка организација во овој регион.
По смртта на цар Душан во 1355 год. за време на владеењето на наговиот син Урош, поради судирот на интересите на феудалците, единството на српската држава во чии граници се наоѓале и териториите на Македонија, почнало да слабее. Одделни феудалци се отцепиле од Урош и станале господари на своите области. Така, Углеша се зацврстил во подрачјето на Сер и Драма. Со областите меѓу Сер, Солун и Струмица управувал великанот Богдан, а браќата Драгаш и Константин Дејановиќ управувале со областите Жеглигово, Кратово, Штип и Тиквеш. Волкашин, братот на Углеша, ја зацврстил својата власт во југозападниот дел на Македонија, вклучувајќи ги градовите Скопје, Призрен, Охрид, Битола, Прилеп и Лерин, а во 1366 година се прогласил за крал. Вака разделената територија на Македонија го олеснила навлегувањето на Османлиите.
Со оглед на тоа што бил прв на удар, Углеша ја почувствувал опасноста па, заедно со брата си Волкашин се обидел да го спречи продорот на Османлиите.. На 26 октомври 1371 година, на реката Марица близу до селото Черномен (денес Орменио во Грција) се одиграла Маричката битка помеѓу османлиската војска предводена од Лала Шахин-паша и војската на Волкашин Мрњавчевиќ и неговиот брат, деспотот Јован Углеша. Локалните владетели браќата Дејанови-деспотот Јован и Константин Драгаш па потоа и синот на Волкашин како и другите биле принудени да го признаат суверенитетот на турскиот султан и да станат нивни вазали со обврска на плаќање даноци и да учествуваат со своја војска во понатамошните походи на Балканот. Нема точна хронологија кога Марко станал османлиски вазал, една од најсигурните предпоставки е дека тоа се случило околу 1385 година кога Прилепското кралство било освоено од Тимурташ паша. Кон крајот на 1391 година или во самиот почеток на 1392 година, како последица од поразот на српската војска воКосово(1389) османлиските војски влегле во Скопје,претворајќи го во силна воена база за своето понатамошно напредување во Србија и во Босна. Бранителите на Скопје дале многу силен отпор така што османлиската војска, преводена од пашата Јигит бег била принудена на општ јуриш и со стрели и мечови да ги уништи „неверниците“. Одбраната на Скопје веројатно била последниот обид за оружано спротиставување против османлиските освојувачи во северниот дел на Македонија.На овој начин, вазалните територии на Константин Драгаш(неговиот брат деспотот Јован умрел околу 1378 година) и на кралот Марко се нашле цврсто приклештени меѓу турските владенија. Поради тоа тие биле принудени својата политика и акција особено спрема надворешниот свет,да му подредат на интересите и на диктатот на нивниот сизерен, османлискиот султан.Така, кога во зимата 1393/94 година Бајазит I ги повикал своите христијански вазали да дојдат во Сер, меѓу пристигнатите бил и Константин а најверојатно и Марко.Првичната намера на султанот била да ги ликвидира но од неа сепак се откажал. Само една година по собирот во Сер, Константин и Маерко со своите воени одреди морале да и се приклучат на султановата војска во нејзиниот поход против влашкиот војвода Мирчеа. Во битката кај Ровињ на 17 мај 1395, животите ги загубиле и двајцата турски вазали од Македонија. Нивната смрт значела крај на наполу независниот статус на нивните држави. Воспоставувањето на директната османлиска власт, на териториите со кои управувале Константин и Марко минало без некои поголеми тешкотии и отпори,зошто секој поединечен локален отпор однапред би бил осуден на неуспех во условите кога внатрешните сили биле обезглавени а однадвор не можело да се очекува никаква помош.
Во времето на експанзијата и стабилизацијата на Османлиската Империја под султаните Мурат II, Мехмед II, Бајазит II, Селим I и Селим II, кога оваа империја станала водечка во исламскиот свет, со огромни извори на материјален потенцијал, во Македонија се создале нови политички и општествени односи, како и нови економски, социјални, религиозни и културни прилики, што битно се одразило врз развојот на архитектонското творештво. Тоа било базирано на нови идејни, филозофски и уметнички влијанија, како и на меѓусебното преплетување со месните културни и градежни традиции и иновации.
Реорганизацијата на државниот поредок базиран на таканаречениот тимаро-спахиски систем, спроведен под владеење на султанот Мехмед II, а особено религиозните норми на исламот, неразделно се вткаени во содржините и концепциите на сакралните и низа објекти од профан карактер, како и во оформувањето на одделни урбани ансамбли. Така, архитектурата добила содржини и белези карактеристични за исламскиот свет, а македонските градови ориентални урбани концепции со развиена чаршија како општествена и работна зона, и многубројни маала како стамбена зона.
Прв управител на Скопје бил неговиот освојувач Паша Јигит–бег (1392-1414). По него истата функција ја имал неговиот син Исхак-бег (1414-1439), кого го наследил неговиот син Иса-бег (1439-1463). Иса-бег ја вршел оваа должност сѐ до заземањето на Босна кога бил назначен за босански санџак-бег во новоорганизираниот босански санџак.
Градот Скопје (Uskub) се градел на отворен простор, без утврдувања и се ширел од двете страни на реката Серава. Стариот град-тврдина служел како стационар на турската воена посада. По освојувањето, градот Скопје бил вклучен во Паша – санџак со седиште во Софија, а околу 1550 година бил формиран посебен скопски санџак со седиште во Скопје.
Управителите на Скопје граделе многубројни објекти – задужбини кои претставувале јадро на урбаниот живот. Преку градежништвото и новите економски, политички и културни односи Турците внеле и нов начин на живеење кој се рефлектирал во сите области на материјалната и духовната култура. Се формирале и постепено се развивале градски квартови - маала со карактеристична стамбена архитектура, богата чаршија во која разновидните занаети имале посебни улици-чаршии. Домашните и странските трговци се сместувале во бројните караван-сараи, анови. Исто така биле градени безистени, амами, турбиња, теќиња и џамии, така што во XV век градот од воено упориште станал трговски центар со ориентален карактер.
Меѓутоа, Скопје во време на османлиското владеење претрпело низа катастрофи кои му нанеле големи оштетувања и го забавиле натамошниот нормален развиток. Меѓу овие се и: разурнувањето од страна на шехзаде Муса во 1413 година за време на борбата за превласт на османлиските принцови по смртта на Бајазид I во 1402 година, силниот земјотрес во 1555, воените пустошења и опожарувањето во 1689 година при повлекувањето на австриската војска на чело со Пиколомини, пожарот во чаршијата во 1908 година, како и големите поплави на Вардар пред крајот на XVIII и XIX век. Во поново време Скопје беше погодено од разурнувачкиот земјотрес во 1963 година. Овие катастрофи значително го намалиле и осиромашиле богатото архитектонско наслество на градот. Кон ова треба да се додаде дека, не ретко и со подоцнежните интервенции, некои од објектите го измениле ликот и во голема мерка загубиле од својата автентичност и монументалност. За намалување на бројот на спомениците, одредена улога одиграле и разните урбанистички планови.
И покрај наведените причини, во Скопје сепак се зачувале голем број споменици од богатата духовна и материјална култура на Османлиите која се создавала во текот на пет века. Тоа се објектите од религиозен карактер: џамии-месџиди, медреси, турбиња и теќиња, како и објектите од профан карактер: имарети, караван-сарааи, анови, чаршии, амами, водоводи, јавни чешми, мостови. Повеќето од наведените објекти се многу стари градби и датираат уште од првите години на османлиската власт во Скопје, а главно од XV и XVI век. Бројната застапеност на овие објекти, нивната монументалност, како и богатството на архитектонските решенија зборуваат за развиеноста на градот и значењето што Скопје, еден од најзначајните Румелиски центри, го имало во рамките на Османлиската Империја. Овие споменици зборуваат, исто така и за бројот на урбаното население, за неговиот висок стандард и културното ниво. Денес дел од зачуваните споменици, главно џамиите, ја имаат првобитната намена, додека на некои објекти им е дадена нова функција преку која се вклопени во современиот живот на градот. Таков е случајот со Безистенот, Сули ан, Капан ан, Даутпашиниот амам, Куршумли ан, Поштата и Вилаетскиот конак.
Од претставените османлиски објекти со религиозен карактер поголемиот број се зачувани споменици, а дел се и оние што повеќе не постојат, а за кои податоци се наоѓаат во литературата, писмените документи, фотографиите, архивската граѓа како и усни кажувања на граѓани пренесувани низ генерации.
Изработил Зекирија Абдул