Турбињата во Скопје (ИЗЛОЖБА СО КАТАЛОГ)
Во областа на сакралната архитектура посебно значење и место имаат турбињата (гробници, мавзолеи) каде што биле погребувани угледни личности. Најчесто турбињата се лоцирани во дворовите на џамиите (во тој случај, обично во турбето бил погребан самиот ктитор на џамијата или некој негов близок роднина). Исто така се граделе во дворовите на теќињата, најчесто тука биле погребувани шејхови и дервиши значајни за одреден дервишки ред и за теќето во кое успешно ја практикувале и пренесувале доктрината на тарикатот што го следеле. Турбињата ги има во состав на гробишта, а се јавуваат и како објекти лоцирани во градски квартови. Многу често се издигнуваат на доминантни места во градовите, обично на возвишенија, така што со својата положба и денес претставуваат значајни урбанистички акценти во композицијата на новите урбанистички решенија. Тоа се мали објекти, можат да бидат отворени или затворени. Во основата се решени квадратно, правоаголно или полигонално. Се среќава и решение слично на џамиите од османлиски тип, но со многу помали димензии. Најчесто се засводени со купола, но има и непокриени. Самиот саркофаг обично е поставен во централниот дел на турбето со соодветни белези – нишани. Во Скопје за време на владеењето на Османлиската Империја се подигнати голем број турбиња. Еден дел од тие турбиња со мала реставрација и денес се зачувани во првобитната форма, други се делумно оштетени, но сепак сведочат за одреден светец или виден граѓанин во чија чест се подигнати, додека останатите, како последица на дотраеноста, спроведувањето на урбанистичките планови на Скопје, пожарите, земјотресите, не ја преживеале природната и човечката суровост.

 

Користена литература

1.    Асим Салих, Историја на Скопје и неговата околина, Превод и коментари д-р Драги Ѓоргиев, Музеј на град Скопје, 2005.
2.    Елезовић Глиша, Турски споменици у Скопљу, ГСНД, књ. I, св. 1, Скопље 1925.
3.    Кумбараџи-Богоевиќ Лидија, Османлиски споменици во Скопје, Исламска заедница во РМ, Сектор за наука и исламска култура, Скопје 1998.
4.    Softić Smail, Muslimanske starine u Skoplju, Османлиското градителство на почвата на Македонија, Прилози за истражувањето на историјата на културата на почвата на Македонија, МАНУ, Скопје 2013.
 

Theme by Danetsoft and Danang Probo Sayekti inspired by Maksimer