Турбето Бејхан Султан
Турбето Бејхан-султан се наоѓа во дворот на Султанмуратовата џамија, и тоа на јужната страна. Било изградено во 1556/1557 година како што е напишано на натписната плоча што се наоѓа над самиот влез. Во основата е решено квадратно, засводено е со купола покриена со олово. Ѕидано е од камен и тула поставени во наизменични редови. Прозорците во приземните партии се заштитени од надворешната страна со челични решетки. Внатрешноста била орнаментирана со претстави од растителен карактер што се фрагментарно зачувани. Турбето Бејхан-султан е најголемо од овој вид кај нас. Изгледа масивно, а фасадите му се живописни.
Ова турбе било подигнато над гробот на некој заслужен граѓанин по име Беј-хан, за кого не постојат податоци, но муслиманите го почитуваат како светец и богоугодник, па го посетуваат гробот и му се молат да им помогне во неволја, да ги спаси од напасти и да ги исцели од болести.
Во турбето се наоѓаат уште четири надгробни споменици без натписи. Во литературата ова турбе се среќава под неколку називи: Бикиј-хан, Бејхан-султан и Бејан-баба.
Theme by Danetsoft and Danang Probo Sayekti inspired by Maksimer