Безистен
Безистенот во Скопје е објект сместен во внатрешноста на Старата скопска чаршија, веднаш над западниот влез од Сули ан. „Безистен“ е сложен збор, составен од арапскиот збор bezz – „платно“, и од персиското (i)stan – „продажно место“, што значи дека тоа било простор за продажба на платна. Подоцна во безистените почнале да се продаваат разни стоки, па и да се отвараат занаетчиски работилници. Првиот безистен во Скопје бил изграден од Исхак-бег и бил негов вакаф. За тоа кога бил подигнат зборува натписот што е поставен над главниот влез во безистенот. Натписот е врежан на камена плоча и е испишан со декоративнво несх-талик писмо, во стихови на турски јазик. Натписот во превод гласи:
„Во овој привлечен град, кој одамна е познат и кој ужива добар глас,
А, кој постојано се руши и повторно обновува,
соградил Гази Исхак-бег убав безистен.
Овој добротвор завештал многу имот.
Со време, безистенот се урнал и станал ѓубриште,
бидејќи ѕидовите му се оштетени и уништени.
Еве, денес се појавија потомците на Исхак-бег, претприемчиви луѓе
кои со помошта на Бога го обновија безистенот.
Тоа се господата Хаџи-Хусеин, Осман и Јашар-бег.
По ова дело може да се процени нивниот углед.
Овој роб, штом ја виде обновата на безистенот, го напиша хронограмот:
Погледни како високо се согради скопскиот безистен“.
Година 1317 (=12.V 1899 – 30.IV 1900)
Стариот безистен се наоѓал околу еден метар под нивото на денешниот безистен, имал камени ѕидови со дебелина од 2,6 метри и бил од типот на засводени безистени, покриен со систем на повеќе куполи. Набргу станал центар на трговијата во градот околу кој се создавала чаршијата. Безистенот бил едно од најважните зданија во градот. Со својата цврста конструкција тој претставувал и сигурно место за чување на скапоцени предмети, на касите на трговците и архивата на еснафите. Денешниот безистен ја зафаќа истата површина што ја имал некогашниот безистен (775 м2). Неколку пати низ историјата бил разрушуван. Како последица на пожарот од 1689 година безистенот бил целосно уништен, а подоцна повторно изграден. Од натписот што се наоѓа на поставената плоча на неговиот влез се дознава дека бил обновен дури во периодот од 1899 до 1900 година. Оттогаш го зачувал својот облик до денес. Првите поконкретни податоци за оваа градба се добиени при реконструирањето на новиот безистен во 1964 и 1965 година, кога се откриени остатоци од ѕидовите на стариот безистен, неговите темели и два столба. Во неговиот денешен облик, безистенот претставува камена градба со правоаголна основа, кај која е забележливо влијанието на западната архитектура. Содржи четири влеза кои се распоредени во средишните делови на фасадите од сите четири страни. Внатрешноста се состои од систем на улички кои водат до двокатните дуќани наредени еден до друг покрај ѕидовите на објектот. Дуќаните се покриени со покрив на две води. Во централниот дел се наоѓаат и два помали, изолирани двокатни објекта. Денешниот безистен, подигнат на урнатините на некогашниот, ги има истите димензии како и стариот, т.е. го задржал надворешниот габарит на ѕидовите, чија дебелина сега изнесува околу 0,5 м., но и покрај тоа денешниот безистен во Скопје сосема се разликува од безистенот изграден на истото место во XV век.
Theme by Danetsoft and Danang Probo Sayekti inspired by Maksimer