Турбиња

Во областа на сакралната архитектура посебно значење и место имаат гробниците, мавзолеи - турбиња, кадешто биле погребувани угледни личности. Најчесто турбињата се лоцирани во дворовите на џамиите (во тој случај, обично во турбето бил погребан самиот ктитор на џамијата или некој негов близок роднина). Исто така се граделе во дворовите на теќињата (начесто тука биле погребувани шејхови и дервиши значајни за одреден дервишки ред и за теќето во кое успешно ја практикувале и пренесувале доктрината на дотичниот тарикат кој го следеле). Ги има во составот на гробишта, а се јавуваат и како објекти лоцирани во градските квартови. Многу често се издигнуваат на доминантни места во градовите, обично на возвишенија, така што со својата положба и денес претставуваат значајни урбанистички акценти во композицијата на новите урбанистички решенија. Тоа се мали објекти, можат да бидат отворени или затворени. Во основата се решени квадратно, правоаголно или полигонално. Се среќава и решение слично на џамиите од османлиски тип, но со многу помали димензии. Најчесто се засводени со купола, но има и непокриени. Самиот саркофаг обично е поставен во централниот дел на турбето со соодветни белези – нишани. Во Битола за време на владеењето на Османлиската Империја се подигнати неколку турбиња. За жал до денешни дни не опстоило ни едно.

Theme by Danetsoft and Danang Probo Sayekti inspired by Maksimer