Амами

Амам (тур. hamam) е градска бања настаната на средниот исток. Капењето во амам било за одржување на личната хигиена, дел од обред, но и за задоволство. Амамите биле важен дел од турската култура и служеле како место за социјализација. 
Меѓу објектите од профаната архитектура во Скопје посебно место заземаат амамите (градските бањи), како по својата бројност така и по монументалноста. Своевремено во Скопје имало 12 единечни и 3 двојни (чифте) амами. Бројните јавни амами, покрај куќните амами чиј број бил многу голем, зборува за значењето и важноста што Османлиите им го давале на овој вид објекти. Најголемиот број на скопските амами билe изградени во XV и XVI век. Амамите биле задужбини на видни личности во државата (паши, везири, бегови и др.). Тие претставувале вакафски имот и биле завештавани за одржување на други објекти кои нивните основачи ги граделе. 
Единечните амами служеле за бањање само на мажите или пак само на жените. Постоеле и единечни амами кои им служеле на двата пола, но во определени денови во неделата или во определено време од денот. Во поголемите населени места се граделе и двојни (чифте) амами кои им служеле истовремено и на двата пола. Во овие амами се влегувало низ одделни влезови, најчесто поставени од спротивните страни на објектот. Внатрешните влезови, во амамските простории биле тесни и мали, широки колку да може да влезе само еден човек за да се избегне непотребното ладење на внатрешноста. Во сите простории на амамот подот бил поплочен со убави мермерни плочи. Многубројните куполи со кои биле покриени амамите и малите отвори низ кои влегувала светлината им давале посевна убавина. 
Внатрешноста на некои амами била богато декорирана. Јавните амами се состоеле од три одновни дела: гардероба, малку затоплен простор и топлиот простор за бањање. Во средина на гардеробата, што била и најголемата просторија во амамот, се наоѓал шардван (шадрван), а покрај ѕидовите биле поставени прегради за пресоблекување. Тука се наоѓало место за прибор за капење (крпи, пештемали, налани, сапун, тасови идруго) кои се давале под наем, но често посетителите, а особено жените, си носеле свој прибор. Тука бил и просторот за одмор по бањањето, каде можело да се добие чај или кафе. Вториот дел од амамот бил малку потопол за да се аклиматизираат посетителите при влегувањето, односно да се се одморат и просушат при излегување. Покрај овој простор обично се наоѓале тоалет и берберница, а во женските амами просторија за депилација. Од тука се преминувало во третиот дел од амамот, во просторот за бањање што се состоел од широк средишен простор, централен салон со мермерно полукружно или осумстрано воозвишено плато од 45-50 см. на средината. Секој амам имал резервоар за вода и огниште.

Theme by Danetsoft and Danang Probo Sayekti inspired by Maksimer