Фотограф
Непознат
Моментална состојба
Постоечки објект
Место
Битола
Дебој Дебој

Дебој

Чифте амамот Дебој се наоѓал во состав на старата битолска чаршија, но денес, по уништувањето на голем дел од чаршијата тој се наоѓа на самата нејзина граница. За овој објект не се знае кога точно бил изграден, ниту пак кој бил ктиторот. Монументалноста на градбата, ѕидаријата и пребогатиот украс од сталактити, штуко декорација по ѕидовите и бројните ѕвездички на куполите, архитектонските карактеристики на објектот согледани со метод на компарација со точно датирани амами од крајот на XV-XVI век, укажуваат дека се работи за објект кој припаѓа на златниот век на османлиската архитектура. Амамот, бил граден во алтернација на камени квадри и тули со спојници на хидрауличен малтер кој бил користен и за малтерисување на ентериерот, што е сосема оправдано со оглед на функцијата на објектот и можноста од оштетувања предизвикани од влага.
Организацијата на просторот во овој двоен (чифте) амам е следна: женскиот дел, кој е поголем по димензии, побогато украсен и одвоен со ѕид од машкиот, се состои од: голема подкуполна просторија со квадратна форма наменета за гардероба, со шестострана лантерна во центарот на куполата (мала кула на врвот на куполата низ чии отвори влегува светлина во внатрешниот простор) и шадрван под неа. Потоа капалук (наменета за одмор), мејдан (наменета за масажа) и две помали простории, лево и десно од мејданот, траш хани (наменети за депилација), после што следат простории кои припаѓаат на халветот (наменети за капење). Машкиот дел се состои само од шадрван (решен на ист начин како и кај женскиот дел), капалук и халвет, кои се помали по димензија. Неопходниот мобилијар маси за масажа, губек таш, курни и сл. не е сочуван.
Денес недостасуваат и деловите хазна (резервоар за вода) и ќулхан (ложиште), кои секогаш се заеднички за двата дела, кои биле констатирани во текот на истражувачките работи во 1967 година, при реставрацијата и конзервацијата на амамот. Загревањето на амамот се обезбедувало по принципот на хипокаусти, односно со струење на топол воздух меѓу подовите и ѕидовите. Богатиот украс на тромпите, како и фризовите од флорални и геометриски орнаменти на ѕидовите е од типот на плиток релјеф и е изведен во штуко. Сите простории се засводени со куполи носени од тромпи, полуобличести или огледаласти сводови со ѕвездести отвори кои овозможуваат осветлување на ентериерот. Пред конзервацијата, амамот имал покрив од турски керамиди, а денес е од поцинкуван лим што придонесе разиграната петтта фасада да дојде до полн израз. Денес објектот се користи како затворен пазар, а во него е сместен и маркет.

Theme by Danetsoft and Danang Probo Sayekti inspired by Maksimer