Цркви

Кон крајот на XVIII и во 30-те години на XIX век османлиските царски власти се соочувале со зачестените национални движења на Балканот, особено српските и грчките, а учество зело и македонското население. Овие движења условиле низа политички реформи за слобода и права на христијанското население во Царството. Националните движења, од царските власти, меѓу другото, барале и решавање на идниот статус на црквата. Историјата на источната православна црква во секој нов период се карактеризирала со крупни политички трансформации. Во актуелниот период отпочнала нова ера во Источната христијанска црква – националната. Ако се направи ретроспектива на нејзината историја ќе се види дека таа на почетокот била прогонувана, во средниот век била царска или вселенска – привилегирана, а во времето на османлискта власт била подредена и маргинализирана.  
Во овој период се зачестиле барањата за афтокефална или независна црковна управа од страна на месните цркви на кои им претходела долга историја. Со ферманот на османлискиот султан, а спротивно на волјата на Вселенскиот патријарх е формирана Бугарска егзархија во 1870 година, Србија се здобила со афтокефална црква по ослободувањето во 1920 година, а надворешното признавање на афтокефалноста на Македонската православна црква останало болно прашање што било последица на судирот што постоел внате во самото православие.
Во XIX век црквата имала двојно значење – религиозно и културно-просветно, поврзано со политиката на тукушто застанатата на нозе млада македонска буржоазија. Во сите македонски градови, по Едренскиот мир, а особено по Кримската војна (60-те години на XIX век) се граделе импозантни базилики. Со добивањето на поголеми права прокламирани со Ѓулханскиот хатишериф од 1839, а подоцна и со Хатихумајунот од 1856 година, верските, економските и другите слободи создале подобри услови за живеење на христијанското население.
Битола својот османлиски назив Монастир го добил токму поради големиот број на цркви и манастири што градот ги имал. Според преданијата кои ги запишале многумина, во градот постоела црква која што за верски празник можеле да ги собере сите верници кои живееле во градот. Таа црква разни запишувачи ја лоцирале на разни места во градот, но досега не се пронајдени никакви археолошки остатоци. Голем дел од црквите по османлиснкото освојување биле конвертирани во џамии или со текот на времето биле запуштени и така исчезнале од сцената на историјата. Во текот на османлиското владеење градењето на цркви било отежнато со низа прописи и закони. Барањето на дозволи бил мачен и долготраен процес, па затоа и населението најчесто ги одржувало старите цркви, а ретко граделе нови. Подем во црковното градилство се случило во XIX век кога во суштина се изградиле и четирите главни цркви во градот што постојат до денес. Тоа се: Св. Димитрија Солунски, Успение на пресвета Богородица, Света Недела, Св. Костадин и Елена и католичката црква Пресвето срце Исусово, како и Евангелистичката црква основана 1886 година.