Болници

Населението во Османлиската Империја речиси до крајот на империјата имало сосема слаба медицинска нега, односно совремната медицина на овие простори била во зародиш. Населението најчесто спасот од разните болести го наоѓало во локалнте билкари, екими, бајачи кои на ваков или онаков начин успешно или неуспешно се справувале со здравствените проблеми на населението. Првите современи болници во Битола започнале да се градат со преместувањето на ејалетскиот центар во Битола по 1820 година. Големиот број на војници кои тука биле сместени едноставно ги принудувал и властите да обезбедат какви такви услови за лечење. Така, во суштина, никнуваат првите болници во Битола кои се воени. Во текот на XIX и првата деценија на XX во Битола биле изградени неколку болници. Најстарата болница била болницата во квартот Димитри, потоа била изградена и Големата воена болница, а валијата Абдулкерим паша подигнал и една цивилна болница како и една болница за ментално здравје Тимар хане.