МАНАСТИРИ
Манастирите се духовни тврдини кои ја чуваат и ја негуваат чистотата на православното предание. Тие претставуваат извори и сведоци на православието, ризници кои зрачат со духовност, убавина и богатство низ вековите. Пред сè таа убавина и богатството кое го кријат во себе се плод на неуморниот подвиг на нивните жители, односно, на монасите.
Особено за нашиот народ манастирите играле значајна улога за време на тешките периоди од неговото битисување. Затоа што покрај духовно-црковни центри, тие претставувале и жариште на културно-просветната дејност. Одиграле голема улога во ширењето на писменоста и на културата, не само во Македонија, туку и пошироко. Монументалната просветителска дејност на свети Климент и на свети Наум преку формирањето на Охридската книжевна школа, како и преку севкупната мисија организирана и реализирана преку манастирите што самите ги изградиле, всушност, претставува темел на словенската писменост. Така Охрид станува духовен, културен и просветен центар не само за македонскиот, туку и за сите словенски народи. На тој начин свети Климент и свети Наум го обележале патот по кој оделе нивните ученици, продолжувајќи го нивното дело, меѓу другото, и преку градење на нови манастири – нови животворни училишта.
И за време на преродбата манастирите пулсирале со нов живот и стремеж, со нови идеи за севкупен просперитет. Се создале нови просветни центри за развој на просветното дело. Во нив се организирале преведувачка и препишувачка дејност, се печателе книги, дејствувале ќелијни училишта. За потребите на манастирите се создале зографски, резбарски и неимарски тајфи, кои со своите дела подоцна го облагородиле целиот Балкан и пошироко. Исто така, манастирските конаци претставувале прибежиште за сите верници и патници добронамерници.