Анови - карвансараи
Ановите се значајни објекти на профаната ориентална архитектура во кои наоѓале сместување и преноќевање во прв ред трговците и кираџиите, за себе и за својот карван, а потоа и сите останати патници. Овие објекти се граделе по патишатата каде што минувале трговските каравани како и во населените места. Ановите покрај тоа што служеле како места во кои се преноќевало и складирала стоката, едновремено во нив се вршела и трговија. Во урбанизираните населби, најчесто анот се наоѓал во чаршијата опкружен со дуќани, во близина на џамија и амам. Во ниедно место чаршијата не можела да се замисли без ан. Ановите ги граделе побогати луѓе и високи државни службеници во кои патниците наоѓале евтино или бесплатено преноќување. Во големите трговски центри, овие коначишта се граделе на кат и во својата внатрешност затварале речиси квадратен двор. Обично, од страните на портата или во внатрешноста се наоѓале работилници за потковување, работилници за поправка на коли и др. Шталата, како основен елемент на ановите, се наоѓала на едната стана од објектот или пак во посебен двор. На сите четири страни околу дворот се наоѓал широк трем. Во дворот се истоварувала и утоварувала стоката. Во просториите во приземјето трговците ја оставале својата стока. Просториите за трговците биле на катот и секоја имала оџак за затоплување. Во дворот на ановите се наоѓал бунар или шадрван како и корита за напојување на добитокот. Во средината на дворот, во некои анови, имало и месџид (мала џамија без минаре). Во ановите немало речиси никаков инвентар, патниците со себе носеле постелнина и други нужни работи. Се хранеле во ашчилници надвор од анот.
Познато е дека Скопје во минатото бил развиен трговски и занаетчкисти центар. Во него пристигнувале карвани со трговска стока и патници. Како резултат на тоа уште во првите децении од османлиското владеење се појавила потребата и од изградба на патнички свратилишта – анови, односно каравансараи. Нивниот број бил доста голем, што се заклучува од податоците што се добиваат главно од вакафнамињата на одделни задужбини, како и од оние што се сретнуваат кај некои патеписци. Така, до средината на XVI век се регисрирани тринеает анови и каравансараи во Скопје.