Медреси
Значајно обележје на османлиската култура се и медресите. До 1773 година, односно до основањето на државниот образовен систем и формирањето на првите модерни училишта, образованието кај муслиманите во Османлиската Империја се одвивало единствено во традиционалните религиозни училишта – медреси.  Медресите биле верски образовни институции, најчесто градени крај џамиите и биле увакуфени. Во медресите се добивало верско образование низ целиот век на Империјата кое било клучно за секој еден чиновник во теократска држава каква што била Османлиската Империја. Долго време мектебите и медресите заедно со келијните училишта биле единствен извор на образование. Со формирањето на секуларните училишта во XIX век, образовните реформи и отворањето на нови работни места, но и како резултат на запустувањето и економското пропаѓање на вакуфите, тие до 1912 година речиси целосно замреле. 
Според Салнамето за Призренскиот вилает за 1874/75 година во Скопје функционирале 10 основни училишта  (sıbyân), едно руждие и осум медреси. Во 1897/98 годима функционирале седум медреси. Тоа биле медресите во џамиите: Гази Мустафа-паша, Јахја-паша, Гази Иса-бег, Исхак бег, Јелен Капан, Кебир Мехмед Челеби, и во близина на Јени амам.

Theme by Danetsoft and Danang Probo Sayekti inspired by Maksimer