Чаршија
Први документирани податоци за постоење на трговски центар на местото на денешната чаршија датираат од XII век. Скопската чаршија, како и сите други чаршии, настанала на најпрометното место во градот, таму каде што се крстосувале патиштата од сите страни. Самиот термин çarşi означува „раскрсница или плоштад со приод од сите четири страни“. Старата скопска чаршија (која често се нарекува „турска чаршија“) својот изглед го менувла низ целиот период на османлиската власт во Македонија. Со воспоставувањето на стабилна османлиска власт во XIV век чаршијата го добила ориенталниот изглед со мноштвото џамии, имарети, амами, анови, дуќани и други објекти што постојано се граделе. Својот подем го доживеала во XVI век кога низ чаршијата се појавиле и помали чаршии специјализирани и именувани според определен занает, како на пример: калајџиска чаршија, кожарска чаршија, железарска, кујунџиска итн. Во 1555 година во силниот земјотрес чаршијата силно настрадала, а втор поголем удар доживеала за време на големата Австро-турска војна, кога Пиколомини го запалил градот. Евлија Челиби за скопската чаршија во XVII век запишал: „... Таа брои 2 150 дуќани. Тука има плоштади и пазари со сводови и куполи. Од сите најубави се: чаршијата на безазите (памучни ткаенини), чадорџиите, папуџиите, бојаџиите и ткајачите. Тоа се големи чаршии изработени по план. Сокаците им се чисти и калдрмисани. Секој дуќан го красат зумбули, темјанушки, рози, босилек, јоргован и крин во вазни и саксии. Тие со својата миризба просто го опиваат мозокот на посетителите и трговците. Тука има образовани и многу чесни луѓе. За време на летните жеги сиот скопски пазар личи на багдадските сенки, зашто сите негови чаршии се со наткривени капаци и сводови како во Сараево и Халеп...“
По големите штети предизвикани со пожарот во 1689 година, чаршијата била обновувана во текот на целиот XVIII век. Нејзиниот нов развој бил отежнат како резултат на ослабената Османлиска Империја, но и поради големите епидемии на чума и други заразни болести.
Со воведување на реформи од првата половина на XIX век, се создале подобри услови за економски развој. Била согледана потребата од развиено занаетчиско производство, па биле воведени мерки за заштита на занаетчиите, што влијаело за збрзан развој на чаршијата. Во тој период, во градот се доселувало македонско христијанско население од околните села, со што се зголемил бројот на македонски занаетчии и трговци. Тие имале главна улога во обновувањето на црквите во и околу чаршијата, откако султанот Мехмед II им одобрил на христијанските верници да обновуваат и да градат цркви на територијата на Империјата. Така, црквата Св. Димитрија била неколку пати реновирана, а еврејското население ја обновило синагогата Бет Јаков.
Во понатамошниот тек на XIX и првата деценија на XX век чаршијата се развивала и бројот на дуќани се зголемувал. Во тој период таа започнала да поприма и архитектурни влијанија од западот. Во неа успешно работеле неколку десетици различни видови занаети, здружени во силни еснафски здруженија и поделени во помали чаршии. Тоа придонело Скопје одново да стане значаен трговски центар на Балканот, но и на целата територија на Османлиската Империја.
По 1912 година, со економската криза, војните и распадот на Империјата, Скопската чаршија, како и останатите чаршии од овој период во Османлиска Македонија, трпела последици и економско опаѓање.
Чаршија во голема мера и ден денес е зачувана, така што може да се каже дека е една од ретките комплетни чаршии на Балканот.
Theme by Danetsoft and Danang Probo Sayekti inspired by Maksimer