Цркви

Кон крајот на XVIII и во 30-те години на XIX век османлиските царски власти се соочувале со зачестените национални движења на Балканот, особено српските и грчките, а учество зело и македонското население. Овие движења условиле низа политички реформи за слобода и права на христијанското население во царството. Националните движења, од царските власти, меѓу другото, барале и решавање на идниот статус на црквата. Историјата на источната православна црква во секој нов период се карактеризирала со крупни политички трансформации. Во актуелниот период отпочнала нова ера во Источната христијанска црква – националната. Ако се направи ретроспектива на нејзината историја ќе се види дека таа на почетокот била прогонувана, во средниот век била царска или вселенска – привилегирана, а во времето на османлискта власт била подредена и маргинализирана.  
Во овој период се зачестиле барањата за афтокефална или независна црковна управа од страна на месните цркви на кои им претходела долга историја. Со ферманот на османлискиот султан, а спротивно на волјата на Вселенскиот патријарх е формирана Бугарска егзархија во 1870 година, Србија се здобила со афтокефална црква по ослободувањето во 1920 година, а надворешното признавање на афтокефалноста на Македонската православна црква останало болно прашање што било последица на судирот што постоел внате во самото православие.
Во XIX век црквата имала двојно значење – религиозно и културно-просветно, поврзано со политиката на тукушто застанатата на нозе млада македонска буржоазија. Во сите македонски градови, по Едренскиот мир, а особено по Кримската војна (60-те години на XIX век) се граделе импозантни базилики. Со добивањето на поголеми права прокламирани со Ѓулханскиот хатишериф од 1839, а подоцна и со Хатихумајунот од 1856 година, верските, економските и другите слободи создале подобри услови за живеење на христијанското население. 

Скопје од крајот на XVIII и во XIX век

По тешката катастрофа од австро-унгарската војна, градот Скопје повеќе не успеал да се издигне. Голем дел од муслиманското население по опожарувањето никогаш повторно не се вратило во градот. Кон крајот на XVIII и почетокот на XIX век брзиот стопански подем и развитокот на занаетчиството и трговијата му овозможило на христијанското население економски да зајакне. Се создале материјални и социјални услови кои ѝ овозможиле на новата граѓанска класа учество во општествениот живот. Тој општествен слој и прилично зајакнатата интелигенција станеле база во општествено-културното издигање на својот народ. Се отварале црковни училишта со настава на македонски говорен јазик, се граделе цркви и манастири, особено во околината на Скопје, кои скопското граѓанство несебично ги финансирало. Сето тоа било поттикнувано и организирано преку скопската црковна општина.
Европските патописци кои во XIX век го посетиле Скопје оставиле бројни статистички податоци што говорат за перманентното зголемување на христијанското население. 
По укинувањето на Пеќската патријаршија во 1766 година и Охридската архиепископија 1767, Скопската епархија се нашла под директна јуриксдикција на грчката Цариградска патријаршија. Иако во Скопје епархиските архиереи главно биле од грчко потекло, сепак грцизмот имал слаби позиции. Седиштето на скопската митрополија се наоѓало во црквата „Св. Димитрија“. Во текот на XIX век македонскиот народ повел борба за обновување на сопствената самостојна црква – Охридската архиепископија и упатил барање до Цариградската патријаршија. Скопската црковна општина побарала воведување на словенска богослужба и домороден владика. Патријаршијата како компромис прво го испратила митрополитот Гаврил кој го познавал македонскиот јазик, па богослужбата во црквата св. Спас ја служел на црковно-словенски јазик. Наскоро било откриено дека зад него стои гркоманската црковна општина, па на негово место бил поставен митрополитот Пајсиј. Малубројните приврзаници кои биле погрчени чорбаџии и малкуте Власи го поддржувале неговото останување во Скопје. Тие организирале своја патријаршиска црковно-училишна општина и поддржувале грчки училишта. 
Поставувањето на грчки владика како компромис, кој само го познавал македонскиот јазик, предизвикало револт сред скопското христијанско население. На народно собрание во 1869 година било решено да се откаже јурискикцијата на Цариградската патријаршија со проглас што бил прочитан во соборната црква св. Богородица. Во скопската епархија, во рамките на Цариградската патријаршија, се активирала и српската пропаганда, која народот ја идентификувал со грчката пропаганда. Набргу македонскиот народ ја изгубил битката за обновување на Охридска архиепископија и за самостојна македонска црква. Ваквото барање до Цариград, од страна на рускиот дипломат Игнатиев било прокоментирано како „цепење на православието“.
Под притисок и благослов на руската дипломатија во Цариград во 1870 година Високата порта издала ферман за создавање на Бугарска самостојна црква т.н. Бугарска егзархија, спротивно на волјата на вселенскиот патријарх. Скопската епархија се нашла во нејзини граници во 1872 година. Национално недозреаната македонска граѓанска класа не успеала во бугарската егзархија да согледа сличен непријател како во грчката патријаршија. Со оформувањето на Бугарската егзархија и со потпаѓањето на скопската епархија под нејзина управа дошло до подвоеност на македонските верници. Две третини од населението се определиле за Бугарската егзархија, помалку од една третина за Цариградската патријаршија, а многу малку приврзаници имала српската патријаршија, главно во селата на Скопска Црна Гора. Сите скопски цркви биле егзархиски. Сѐ до 1890 година во црквата св. Спас се богослужело на словенски јазик, кога властите ги протерале словенските свештеници, и во неа се употребувал само грчкиот јазик. По притисоткот што го извршила патријаршијата повторно се богослужело на словенски јазик, на што се спротивставиле фанариотите. Поради настанатите судири црквата била затворена. Во 1890 година во Скопје дошол новоназначениот егзархиски митрополит Теодосиј Гологанов. Запознавајќи се со состојбите во Македонија и желбата на македонскиот народ за возобновување на Охридската архиепископија митрополитот Гологанов застанал на страната на народот. Тој ги употребил сите свои сили да го обедини македонскиот народ и повел борба против бугарската, грчката и српската пропаганда, а дури бил подготвен да прифати и унијатство со Ватикан, со цел да ја обнови охридската архиепископија. Гледајќи голем непријател во него Бугарската егзархија во 1892 година насила го одвела во Цариград каде му бил одземен чинот. Црковните борби во градот не престанувале. Во 1896 година грчкиот конзул ги повикал своите колеги на богослужба во „грчката црква“ св. Спас, што предизвикало нови судири поради што Патријаршијата го обвинила и отповикала митрополитот Пајсиј. На негово место, за да воведе ред, е доведен охридскиот митрополит Амвросиј. Отпорот на македонскиот народ против елинизмот не запрел. Митрополитот Амвросиј кој под заштита на низамите ја одржал божиќната служба во св. Спас во 1897 година е протеран истиот ден. На негово место е поставен српскиот митрополит Фирмилијан кој успеал да ги усклади односите со Грците и во негово време се собрани средства и е потпомогнато градење на грчка црква св. Мина. Митрополитот Фирмилијан повел остра борба со бугарската егзархија.

Во 30-те години на XIX век со низата здобиени права, верски и други слободи отпочнала силна градителска дејност, се граделе нови верски објекти со големи димензии, од базиликански тип. Црковната архитектура од XIX век може да се третира како последна фаза на средновековната црковна архитектура. Импозантните базилики под влијание на муслиманските верски објекти во својот комплекс вградиле галерии на кат и пространи тремови. Тоа било време на преродба на македонскиот народ. Внатрешноста на црквите била украсувана со импозантни дрвени иконостаси богато изрезбарени, владички тронови, амвони и друг црковен мебел. Се развил и иконописот кој заедно со резбата го потиснал фреско-живописот. Во градењето и украсувањето на црквите учествувале групи мајстори т.н. тајфи кои биле градители, резбари, иконописци или зографи. Меѓу нив најмногу се истакнале тајфите на градителот Андреа Дамјанов од родот Рензовци – Зографски, меѓу резбарите - тајфата на Петре Филиповиќ-Гарката, а меѓу иконописците Димитрија Зограф-Дичо, кои спаѓаат меѓу првите преродбеници во Македонија.
Иницијативите за изградба и обновување на црквите во Скопје потекнувала од иницијативниот одбор при скопската црковна општина. Во градењето и обновувањето на храмовите учествувало целокупното христијанско население. Во Скопје особено се истакнал богатиот трговец Аџи Трајко Дојчиновиќ. Во средината на XIX век, во скопските села, биле изградени повеќе селски цркви и манастири. Иницијатори биле селските црковни општини на чело со селските коџабашии.