Фотограф
Виктор Трајановски и интернет извори
Место
Скопје
Моментална состојба
Активна црква
Црква Рожденство на Пресвета Богородица Црква Рожденство на Пресвета Богородица Црква Рожденство на Пресвета Богородица

Црква „Рожденство на Пресвета Богородица“     

На левиот брег на р. Вардар и на левиот брег на р. Серава во Пајко Маало (Ехит-паша маало) се наоѓала најубавата и најголемата, односно катедралната црква, посветена на Света Богородица заштитничка на градот Скопје. Црквата е позната под имињата Рождество на Пресвета Богородица, Света Богородица и Пресвета Богородица Троеручица.
Изградбата на црквата „Света Богородица“ ја започнал македонскиот средновековен владетел Добромир Хрс во 1204 година, а ја довршил неговиот син Стрез во 1214 година. Оваа црква постоела до 1688 година кога била срушена од страна на Турците. По долги години, на почетокот на XIX век, повторно започнала изградба на црквата. Според скопскиот трговец Хаџи-Коста неимарите и копаничарите започнале со работа уште во 1809 година. А, според Васил К΄нчов, по 10 години чекање, одобрението за градба од страна на Султанот во Цариград стигнало во 1834 година.Најголем удел околу изградбата дал скопскиот трговски првенец Аџи-Трајко Дојчиновиќ, кој за оваа цел ги придобил скопскиот митрополит Гаврил и скопскиот турски великодостојник Авзи-паша. 
Во врска со самата изградба на црквата на ливада покрај Вардар, долго време старите скопјани прераскажувала една анегдота. По правило верски објекти се градат на свети места, а Аџи Трајко со цел да докаже дека ова место е свето, заедно со неколку соработници во една дупка закопал неколку стари тули и една мала икона со св. Богородица позајмени од црквата св. Спас. Турската комисија која излегла на теренот констатирала остатоци врз основа на што ја одобрила локацијата. Аџи Трајко за султански ферман лично патувал во Цариград.
Црквата била градена од средства на сите христијани. Градител на црквата бил Дамјан Јанкулов од родот Зографски од Велес, кој за време на градењето починал, а храмот го довршиле неговите синови. Црквата била завршена и осветена на 1.мај 1835 година, а внатрешното уредување следело подоцна.Од 1838 до 1842 година бил изработен иконостасот, чијшто долен дел бил од мермер, а горните делови од дрво со ажурна импозантна резба, дело на копаничарите од тајфата на Петре Филиповиќ-Гарката, Димитар Станишев и др. Епископската зграда во која престојувал владикатабила изградена 1835 година, а 1848 г. во дворот на црквата било подигнато двокатно училиште. Во 1875 година  српското кнежевство, на црквата ѝ подарило мала камбанарија. Поради забраната за биење на камбана од турската власт, црквата користела дрвено клепало до 1909 година, кога била изградена нејзината камбанарија. 
Од деталните описи на неколку автори се дознава дека црквата била трибродна базилика со проширен западен дел – трем (припрата). На катот на тремот била женската црква со два параклиса.Кон крајот на Втората светска војна, во 1944 година, црквата со непроценливо богатиот иконостас и живопис, била запалена од страна на Бугарската фашистичка војска. Властите во повоена СР Македонија, во рамките на СФР Југославија, не го обновиле храмот, така што тој целосно бил срушен во земјотресот од 1963 година. Обнова на црквата започнала во 2005 година, а таа била осветена на 31. јануари 2008 година. Црквата е обновена со ист изглед и архитектура како што ја имала пред Вротата светска војна.