Образовни објекти

Со донесување на Tanzimat fermani познат и како Ѓулхански хатишериф во 1839 година започнува периодот на реформи во Османлиската Империја. Со овој акт формално правно веќе се анулирале разликите меѓу муслиманите и немуслиманите во Османлиската Империја и сите поданици станале еднакви пред законот. Пред Османсликата Империја се отворила бурна иднина проследна со мноштво реформи, вклучително и во образованието. Дотогаш образованието главно се изведувало во џамиите, односно во верските образовни инситуции мектебите и медресите. Набрзо биле отворени бројни основни училишта во кои учениците по завршувањето на медресата требало да го продолжат своето образование. Во 1857 година се формирало Министерство за образование, но имплементацијата на реформите започнала во 1863 година и тоа главно во Истанбул. Нови реформи во образванието се вовеле во 1869 година кога било востановено 4 годишно образование за децата, за момчињата од 6 до 10 годишна возраст, а за девојчињата од 7 до 11 годишна возраст. Покрај оваа одлука било решено училиште да има во секое село и секој град, иако ова одредба главно останала само на хартија. Во 1876 година основното образвание било регулирано со закон и постоеле два вида на основни училишта mektep i sibiyanie- основно традиционлано училиште и mektep i iptidaiye- модерно основно училиште. Во 1882 година Министерството за образование ја укинало оваа поделба, а во 1908 година, модерните училишта станале единствени училишта кои постоеле. Во 1869 година бил донесен акт со кој во секоја касаба над 500 куќи треба да има и руждие. По завршувањето на образованието во мектебот, учениците можеле да се запишат во руждиите. Руждиите биле училишта кои имале и цивилен и воен карактер, а образованието траело 4 години. По завршувањето на руждиетото, учениците можеле да се запишат во идадијата, виша школска установа која нудела образование за цивилни и воени службеници. „Од идадиите постоеле, и за еден степен повисоки школи, султаниите.“ Покрај овие училишта, кои главно образовале кадри од занаетчиски, цивилен или воен профил, во период меѓу 1850-1860 година се формирале и посебни педагошки училишта, кои служеле за изградување на наставнички кадар. Занаетчиските училишта- ислахане, имале и улога на дом за деца без родители, бидејќи главно своите ученици ги регрутирале од таа средина. Училиштата на секое ниво биле диференцирани според пол, па така постоеле, посебни женски и посебни машки училишта. По завршувањето на овие школи учениците можеле да пристапат кон високите школи, меѓу кои и универзитетот во Истанбул формирaн во 1863 година, или во разните цивилни и воени академии. 
Паралелно со османлиската мрежа на училишта дозволено било да се формираат и училишта на соодветните милетски групи. Така Битола станала своевиден образовен и културен центар. Имено, во градот постоеле 17 грчки училишта, 7 бугарски училишта, неколку српски училишта, едно американско и едно француско училиште, десетина османлиски училишта, неколку еврејски училишта, како и редица други пониски образовни институции. Може да се каже дека просветата во Битола било собено добро развиена, па така градот служел и како место каде може да се стекне одлично образование. Треба да се напомене дека целта на овие образовни инстуции не била образованието само по себе. Просветата, во суштина, била орудие на попагандата, каде учениците биле воспитувани во национален дух согласно наративот на земјата која го спонзоирала тоа училиште.

Theme by Danetsoft and Danang Probo Sayekti inspired by Maksimer