Теќиња
Теќето (тур. tekke) претставува светилиште, место кое служи за собирање на дервишите, следбеници на езотеричната страна на исламот познат како суфизам. Постојат повеќе дервишки редови наречени уште и тарикати, кои најчесто ги носат имињата на своите основоположници. Во теќето дервишите ги извршуваат нивните верски обреди. Со доаѓањето на Османлиите, одделни дервишки редови ја рашириле својата дејност и во овие краишта. Речиси не постоело место во кое немало барем едно теќе. Во теќињата се живеело и работело според принципите и доктрината на врховниот поглавар на редот. Многу прецизно биле утврдени правилата, прописите и дервишките обреди. Бројот на припадниците на еден дервишки ред зависел од способноста и ученоста на раковителите на редот, т.е. на теќото.
Називите ханиќах (hânikâh), завие (zâviye), дергах (derǧah) и теќе (tekye) се синоними за овој вид на објекти. Главната просторија во теќето е семахане, или мејдан каде се вршат заеднички молитви. Во состав на теќето често се наоѓа станот на шејхот или на чуварот на теќето. Постои и посебна просторија каде шејхот ги прима гостите. Поголемите и побогатите теќиња имале и одделна просторија, мисафирхане, или гостинска просторија во која бесплатно моежло да преноќат гостите и посетителите.
Во минатото во Скопје постоел голем број теќиња кои им припаѓале на разни дервишки редови. Евлија Челеби (1967) во своите патописни белешки од средината на 17 век пишува дека во Скопје постоеле дваесет теќиња кои припаѓале на тарикатите: рифаи, кадири, мевлеви, сади, накшибенди, бекташи, халвети, мелами и др.
За релативно кусо време овие редови, особено оние со најбројно членство отварале завии и теќиња и играле важна улога во политичкиот и културниот живот на овој дел од Империјата. Изградбата на бројни теќиња и завии бил предизвикан од зголемувањето на бројот на членови на овие редови. Најчесто тоа биле скромни градби со една или две простории, чијшто архитектура не се разликувала од онаа на најскромните граѓански куќи. Некои биле само адаптирани градби од профаната архитектура. Секое теќе што било создадено го носело името на основачот на дервишкиот ред.
Овој број на теќиња главно се задржал и во XIX век. Меѓутоа од 1912 година како и во Втората светска војна бројот на теќињата почнал да се намалува и тоа како последица на дотраеноста, намалувањето на членството со масовното иселување на муслиманското население како и со нивното уривање при спроведување на урбанистичките планови на Скопје. Денес во Скопје се зачувани само две теќиња во кои еднаш неделно може да се слушне дервишкиот зикр. Тоа се рифаиското теќе познато уште и како Хазнедар-баба и садиското Вефа-баба теќе.