Фотограф
Непознат
Место
Скопје
Моментална состојба
Непостоечко теќе
Адем-баба (зинџирли) теќе

Адем-баба (зинџирли) теќе

Се претпоставува дека теќето настанало во XVII век. Се наоѓало во поранешното маало Џами Атик. Припаѓало на дервишкиот ред Халвети (Шабание) Карабаши. Основачот на ова теќе, Адем-баба бил роден во Багдад. Кога дошол во Скопје живеел 7 години во близина на Камени мост. Подоцна го купил тоа место и го изградил теќето. Бил учен човек, држел вазови во Иса-беговата џамија. Имал хипнотизирачка моќ. Подоцна купил уште еден плац и изградил два дуќана и фурна наменета за теќето. Од оваа фурна Адем-баба ги хранел сиромасите. Фурнаџијата Санџактар Мехмед-ефендија бил и дервиш во теќето. Пред еден Курбан бајрам, Санџактар Мехмед побарал Адем-баба да купи курбан и да го заколе за Бајрам. Тогаш Адем-баба погледнал кон планината и рекол дека курбанот ќе му дојде. До вечер курбанот не дошол, но утредента откако го завршиле „Бајрам намаз“ дошол елен во теќето, шејхот Адем-баба го фатил за роговите со еден синџир, го внел во теќето и го жртвувал како курбан. Тоа се толкувало како посебна милост од Бога кон Адем-баба. Синџирот и еленските рогови се чувале во теќето.
Во време на последниот шејх Мехмед Ферид, теќето од карабашиско станало џерахиско (Hazreti Pir Nuredin Djevahir), од истиот халветски ред. Главното седиште на овој ред е во Цариград. Уште Адем-баба во дворот на теќето подигнал чешма што ја ѕидал мајстор од Дебар. На влезната врата се наоѓал синџир според што и теќето го добило имети „зинџирли“. Теќето било урнато 1971 година, при расчистување на просторот за изградба на Универзитетот.

Theme by Danetsoft and Danang Probo Sayekti inspired by Maksimer