Мевлеви теќе
Теќето се наоѓало во бизина ја Јахја-пашината џамија, во поранешното маало Ќатиб Шахин. Имало огромно турбе со гробови на шејховите на ова теќе. За постанокот на теќето се дознава од пишувањето во „Сефински мевлевије“: на местото каде што е теќето живеел извесен богат бег. Во тоа време некој чуден шејх што припаѓал на редот Мевлеви, лутал насекаде, од куќа до куќа. Една ноќ влегол и во дворот на овој бег, а бегот мислејќи дека е крадец, го убил. Не знаејќи каде и како да го закопа, бегот ги запрашал улемите како да постапи. Тие му рекле да клања „истихаре намаз“, па што ќе му се јави на сон така да направи. Овој клањал истихаре намаз и на сон му се јавил убиениот кој му рекол дека ако дозволи да се направи теќе во неговиот двор ќе му прости, а ако не, нема да му биде простено и постојано ќе го измачува. Бегот тоа го исполнил и го дал дворот за изградба на теќе.
Бидејќи основачот на овој ред, Хазрети Мевлана, бил од Коња, (а таму и умрел), така и првиот шејх на мевливискиот ред во Скопје бил од Коња. Ова теќе работело доста уредно и редовно, а имало и голем вакаф. Султанот Мехмед V Решад, кој и самиот припаѓал на овој ред, при доаѓањето во Скопје 1911 година, на ова теќе му подарил 100 турски лири.
Theme by Danetsoft and Danang Probo Sayekti inspired by Maksimer