Џамии

Џамиите, односно месџидите биле први и најмногубројни објекти од исламската архитектура што се граделе насекаде со ширењето на Османлиската власт. Термините џамија (тур. câmi) и месџид (тур. mescid) означуваат објекти за собирање на верниците и за вршење на религиозните обреди. 
Месџид (арап. masjid) за разлика од џамијата е помал исламски храм што нема минаре и во која не се клања во петок (џума) и за време на бајрамите. Во минатото не се правела никаква разлика помеѓу овие два термина. Месџид и џамија биле симоними за ист вид на објекти.Тоа го потврдуваат текстовите на вакафнамите во кои едновремено се употребени двата изрази - месџид и џамија за еден ист објект.
Џамиите се карактеризираат со централен внатрешен простор – мусала, во кој се врши службата. Во средината на јужниот ѕид, како што е вообичаено во правецот кон Мека е поставена полукружна ниша - михраб (mihrab) каде што стои имамот кој во заедничка молитва ги предводи верниците. Во некои случаи е доволно да има само една стрелка, плочка или црта што се вика кибла која го означува правецот кон Ќабата, првата џамија изградена по барање на Алах, во Мека, Саудиска Арабија. Имамот и сите учесници во намазот се свртени со лицето кон кибла. 
Десно од михработ се наоѓа место за проповед минбер (minber) до кое се стигнува по скали, а лево е сместена катедра (kürsü) од каде што се врши проповед и на мајчин јазик. На спротивната страна, над влезната врата, а долж целиот ѕид или само на средината се наоѓа галерија (mahvil) посватена на стилбови од камен или од дрво. Тука, за време на молитвите стои муезинот. Тоа е и место за жени. Внатрешните ѕидови на џамијата се декорирани со флорални орманенти, арабески и делови од Куранот предадени со арапска калиграфија.
Составен дел на секоја џамија е минарето. Во исламската архитектура минарето многу често е нарекувано „врата меѓу небото и земјата“. Тоа е во форма на кула. Во неговата внатрешност се поставени спирални скали по кои се стигнува до издадениот дел околу целото минаре, еден вид балкон – шерефе (şerefe) од каде муезинот ги повикува верниците на молитва (namaz). На почетокот минарињата служеле за набљудување и контрола и биле опремени со факели. Денес муезинот им се обраќа на верниците не од минарето, туку од мусалата, посебно место во џамијата опремено со микрофон и со силно озвучување. Според тоа улогата на минарето во денешно време повеќе е симболична, декоративна и за запазување на традицијата отколку практична.
Согласно со канонот височината на минарето би требала да е 63 метри, колку што е бројот на годините на живеење на пророкот Мухамед, но се среќаваат минариња со различна висина. До скоро највисоко минаре во светот било при џамијата Хасан II во Казабланка, Мароко со висина од 210 метри. Но, постојано се градат нови џамии со сѐ повисоки минариња. Вообичаено џамиите имаат едно или две минариња. Поретко се среќаваат џамии со повеќе минариња. Султан Ахмедовата џамија во Истанбул, Турција има 6 минариња, а џамијата Масџид ел-Харам (Света џамија) во Мека, Саудиска Арабија ги има 9.
Џамијата секогаш е опкружена со двор ограден со ѕид. Најчесто дворот е уреден и грижливо неуван со изобилство на зеленило и цвеќиња. Во средината на дворот е шадраван (şadirvan) или чешма за ритуално миење. Ниту една џамиија не може да се замисли без вода и двор.

Околу големите џамии кои биле лоцирани блиску до главните населби или трговските центри, секогаш имало и други градби кои директно или индиректно биле интегрален дел од џамијата, како на пример стандарните објекти: турбиња, медреси, шадрвани, имарети и др. 
Низ историјата формата на џамиите и нивната градба била менувана, во зависност од локалната култура, местоположбата или начинот на владеење на односната империја, но секогаш основните елементи на џамијата биле зачувани и доследно претставувани. Во текот на исламската историја, со ширење на исламот, многу верски објекти како цркви или синагоги биле претворани во џамии. Овој принцип на претворање на црквите во џамии најмногу бил спроведуван во време на Османлиската Империја.

Џамии во Скопје 

Основачи на овие објекти биле поединци, муслимански големци, владетели и побогати граѓани кои ги подигале како свои задужбини. Ова го потврдуваат и многубројните пишани документи, вакафнами. Богатството на градителите се гледа од самите објекти, од нивната големина, формата и луксузниот материјал што бил употребен во градењето и во декорацијата. 
Џамиите се граделе во градските маала и во Чаршијата и вообичаено го носеле името на основачот на џамијата. За Скопје било карактеристично што маалата го добивале името според џамијата изградена во него: Хаџи Гази маало според Хаџи Гази џамија, Емир Хоџино маало според Емир Хоџина џамија, Ибни Пајково маало според Ибни Пајкова џамија итн. Евлија Челеби при неговата посета во Скопје 1670 год., напишал: „Во Скопје има 120 михраби, големи и мали џамии, месџиди и приватни молитвени храмови, но заедничка молитва во петок (џума) се врши само во четириесет и пет џамии“.
Од големиот број џамии што низ вековите биле градени во Скопје, ќе се осврнеме на најзначајните што се сѐ уште зачувани, но и на некои што веќе не постојат, но има податоци за нив.