Фотограф
Виктор Трајановски и интернет извори
Место
Скопје
Моментална состојба
Активна џамија
Султан Муратова џамија Султан Муратова џамија Султан Муратова џамија Султан Муратова џамија Султан Муратова џамија Султан Муратова џамија Султан Муратова џамија Султан Муратова џамија Султан Муратова џамија Султан Муратова џамија Султан Муратова џамија Султан Муратова џамија Султан Муратова џамија Султан Муратова џамија Султан Муратова џамија

Султан Муратова џамија или Хунќар џамија 


Џамијата е изградиена во втората половина на 1436 г. од страна на султанот Мурат II, таткото на султанот Мехмед Освојувачот. Оваа џамија спаѓа меѓу првите џамии изградени во Скопје, а денес е најстара од зачуваните џамии. 
Џамијата на Султан Мурат се наоѓа на зарамнето возвишение каде што според дамнешно предание се наоѓал малиот или долниот скопски град. Евлија Челеби запишал: Пред горниот град во Скопје има Хунќар (Hunkâr) – царска, султанска џамија со тенко и високо минаре и една саат кула. Ова е единствена џамија што ја изградил еден турски владетел, така што ни една друга не може да се пофали дека ктитор ѝ бил турски султан. Според тоа, овој исламски храм не е случајно соборна, главна џамија. Џамијата ја ѕидал мајсторот Хусеин од Дебар. Се смета дека на местото на денешната џамија порано имало црква Св. Ѓорѓи Скоропостижник. Од натпис над влезната врата се дознава дека настрадала во пожар во 1537 или 1538 г. Кога султанот Сулејман Величествени 1542 г. поминувал низ Скопје за Виена, наредил да се поправи. Во таа пригода е врежан натпис на камена плоча што се наоѓа во средината, над главниот влез:
Обновата од темел на оваа џамија ја заповеда сенката божја на земјава, султан над султаните, Сулејман шах, Султан хан, син на султан Селим хан, – Господ нека му ја продолжи сенката до судниот ден. – Обновата започна месец Шевал 945 (1539) година. Среќно се доврши на крајот на месец голем Шабан, 949 година (1542). – Нека Господ го прими ода добро дело!
За нејзино издржување моќниот ктитор богато ги дарувал и џамијата и сите нејзини свештеници и службеници, а селата Кожле и Горно и Долно Водно биле нејзин вакуф. 
Оваа џамија изгорела по втор пат во големиот пожар во октомври 1689 година, при инвазијата на Хабсбурговците. Без сомнение тогаш огнот ги уништил и нејзиониот имарет и медресата, како и останатите главни и споредни згради околу неа. По овој пожар џамијата останала во урнатини 23 години, сѐ до 1712 (хиџриска година 1124) кога султанот Ахемд III издал наредба да се обнови. Се сметало дека обновената џамија била поубава отколку што била пред вториот пожар. Следна поправка на оваа џамија била извршена по 1912 год. по повод доаѓањето на султанот Мехмед Решад во Скопје и негово присуство на молитва во оваа џамија. Од тој период датира и сликаната декорација во внатрешноста на џамијата.
Своевремено покрај Султан Муратова џамија биле изградени медреса и имарет кои се вбројувале помеѓу најпознатите објекти од овој вид во Скопје. Од придружните згради на џамијата, кои сочинувале цел комплекс, денес, покрај неа се запазени само остатоци од медресата како и џамиските гробишта во кои се наоѓаат и две турбиња: турбето на Бејхан Султан и семејната гробница на Али-паша од Дагестан. За имаретот којшто не е зачуван, се претпоставува дека бил лоциран покрај медресата. 
Во состав на комплексот на џамијата, во нејзиниот двор, на северна страна се наоѓа Саат-кула.
Целиот комплекс на Султан Муратовата џамија со својата монументалност и извонредната местоположба како и со складните архитектонски форми на сите објекти што го сочинуваат, претставува посебно естетско доживување.