Хидаверди џамија
Хидаверди џамија се наоѓа од североисточната страна на Куршумли ан кон Бит-пазар. Не е зачуван натписот над влезот во џамијата ниту вакафнамето на градителот, па податоците за нејзината градба се добиваат индиректно. Џамијата настанала кон крајот на XV и почеток на XVI век. Била изградена во убава и солидна градежна техника, со прецизно редење на камен и тула, што и дене може да се види на минарето и на одделните делови од џамијата што се зачувани. Како последица на земјотресот од 1963 година објектот бил во руинирана положба до 1994/5 кога бил обновен.
Џамијата имала кубе поставено на шестостран тамбур. Импозантниот портал се наоѓа на средината на северниот ѕид од џамијата поставен во профилирана мермерна рамка со убаво изведен лак во мермер. Минарето е зачувано само до височината на покривот на џамијата, а во него се влегува од тремот. Долниот дел има правоаголна форма, а зачуван е и декоративно изведениот премин во кружното стебло на минарето. Не е познато како изгледало минарето нагоре. Градителот на Хидаверди џамија многу успешно и оригинално го поставил објектот на самиот агол од две улици со отворен трем кон нив. Ваквото решение го диктирале и условите на теренот. Нејзините ѕидови се изградени во класична османлиска техника, со четири редови тула и еден ред камен. На сочуваниот трем постојат столбови, кои укажуваат дека и џамијата и тремот некогаш биле покриени со купола.
Theme by Danetsoft and Danang Probo Sayekti inspired by Maksimer