Дуќанџик џамија
Дуќанџик џамија се наоѓа во северозападниот дел од градот, во близина Хаџи Балабан џамијата. Точната дата на градењето не е позната, бидејќи не е запазена натписната плоча. Зачувано е вакафнамето на градителот Мевлана Муслихудин бин Абдулгани, познат како муезин оџа ал-Ма`дини, и од него се гледа дека овој објект бил легализиран во 1549/50 година. Покрај џамијата што ја изградил во Скопје, од вакафнамето се дознава дека Муезин оџа изградил џамија и во Нови Пазар позната и како Алтан-алем џамија, како и џамија во Трепча. Во врска со називот на џамијата во Скопје, може да се констатира дека во почетокот била позната како Муезин оџина џамија. Под тој назив се среќава во 1615 година. Што се однесува до името Дуќанџик, под кое е и денес главно позната оваа џамија, го добила многу одамна според чаршијата позната како Дуќанџиклар Чаршија која постоела во времето на градење на џамијата. Кај постарите скопјани во употреба се и двата називи за оваа џамија.
Дуќанџик џамијата претставувала монументален објект од типот на еднопросторни, куполни џамии. Пред централниот дел на џамијата, во целата широчина на објектот се наоѓал трем со два мермерни столба со кружен пресек, на кои се потпирала сводната конструкција. Овие столбови, при некоја обнова, биле едноставно маскирани и зацврстени во четириаголна форма. Тремот бил покриен со две помали куполи. Куполите на џамијата биле покриени со олово. Дуќанџик џамија имала асиметрично поставен влезен портал што се наоѓал сосема лево, речиси до самиот бичен ѕид. Џамијата своевремено поседувала богат декор. Минарето на овој споменик на културата, и покрај сите природни и човечки фактори што влијаеле на изменувањето на изгледот и речиси уништувањето на Дуќанџик џамија, останало неоштетено и сѐ уште му одолева на времето. Тоа е високо и вито, од обработен камен. Под шерефето се наоѓа богата сталактитна декорација, а во камените плочи на оградата се перфорирани убави ориентални форми.
Обновувањето на објектот за почнало во 2004 година, финансисики било помогнато до страна на арапскиот емират Шаржах, турски организации и некои македонски бизнисмени. Џамијата повторно била отворена во 2007 година.
Theme by Danetsoft and Danang Probo Sayekti inspired by Maksimer