Ќосе Кади џамија
Ќосе Кади џамија се наоѓа среде Скопската чаршија, спроти западната фасада на Безистенот. Таа е интересна по својот план. Во долниот дел се лоцирани повеќе занаетчиски дуќани, а молитвениот простор се наоѓа на катот. Живописноста на овој дел од чаршијата се зголемува и со тоа што под џамијата, помеѓу дуќаните поминува една од малите чаршиски улици. Во Османлиската Империја објекти од ваков тип најмногу биле градени кој крајот на XVIII век.
Годината на изградба на џамијата не е позната бидејќи не е зачуван натпис од стриот објект, ниту вакафнамето што секако било составено. Објектот што денес постои е изграден по примерот на претходниот, кој бил многу оштетен во текот на вековите, а особено од земјотресот од 1963 година. Во 1993 година е урната старата џамија и е изграден сегашната зграда. На старата џамија можло да се забележат две фази од градење. На првата фаза, за која се претпоставува дека била од XVII век, ѝ припаѓале минарето и долните делови од џамијата. На втората фаза, од почетокот на XX век ѝ припаѓа молитвениот простор, кој бил изграден по големиот пожар во чаршијата во 1908 година. Денес единствени остатоци од старата џамија може да се видат во влезниот простор на зградата изградена од западната страна до самата џамија. Влезот во џамијата, т.е. во молитвениот простор, се наоѓал високо на западната страна до кој се стигнувало по скали. Оваа страна, инаку, не е вобичаена за поставување влез на објекти од овој вид. Меѓутоа, самата локација на оваа џамија, опкружена со дуќани, го наложила ваквото решение. Оттука и минарето се наоѓа на левата страна од влезот на џамијата.
Молитвениот простор на Ќосе Кади џамија бил доста простран и во него, во добра состојба, биле зачувани михработ, минберот и махвилот. Имало зачувани остатоци од боена декорација што како фриз се протегала по ѕидовите под дрвената таваница. На источниот ѕид бил испишан еден цитат од Куранот предаден во декорирана рамка, што оставало посебен впечаток. Ќосе Кади џамијата престанала да ја врши својата функција во педесеттите години на XX век. Своевремено била многу активна и со многу посетители, поради нејзината локација во чаршијата. Таа била богата џамија и имала голем вакаф. Еден подолг период служела како магацин.
Во периодот од 1992 до 1996 година, по иницијатива на чаршиските еснафи била извршена темелна реконструкција врз основа на проект на Архитектонскиот факултет, а финансирана од Исламската верска заедница.
Theme by Danetsoft and Danang Probo Sayekti inspired by Maksimer