Фотограф
Непознат
Место
Скопје
Моментална состојба
Активна џамија
Кебир Мехмед Челеби џамија

Кебир Мехмед Челеби џамија

Во непосредна билизина на универзитетот „Свети Кирил и Методиј“ се наоѓа џамијата Кебир Мехмед Челеби, подигната во средината на XV век која спаѓа во редот на најстарите џамии со Скопје. Со изградбата на џамијата во овој дел од градот се формирало и станбено маало кое го добило името по основачот на џамијата. Најстар спомен за маалото Мехмед Челеби е од 1544 годин, а името на маалото се одржало дури и денес кај муслиманското население во градот. 
Според зачуваниот натпис на влезот, Кебир Мехмед Челеби џамија е изградена во 1469 година од страна на Мехмед, син на Исхак-бег, вториот турски краишки војвода во Скопје. Зачувано е и вакафнамето на оваа џамија кое датира од 1470 година. Во него стои дека Кебир Мехмед Челеби е син на Иса-бег, а не на Исхак-бег и дека во Скопје изградил месџид и имарет. Исто така, тој изградил месџид и имарет и во Тетово. За одржување на овие задужбини ктиторот го завештал целиот свој недвижен имот што се наоѓал главно во Тетово и околината, а за тутори ги определил своите синови Хаџи Мехмед-бег и Барек-бег.
Џамијата била изложена на земјотресите и воените судирања. Веројатно најмногу настрадала во силниот земјотрес во 1555 година, како и во земотресот од 1963 година. 
Првобитно била изградена како куполен објект, имала една голема купола над молитвениот простор, како и три помали куполи над тремот. Обновена  била само од височината на поткуполниот венец, со тоа што над централниот дел и тремот била поставена дрвена покривна конструкција на четири води покриена со ќерамиди, што во голема мера ја намалило нејзината убавина. Настанатите оштетувања, како и ненавременото и неадекватно интервенирање врз објектот укажуваат и на осиромашувањето на вакафот од џамијата. Сето ова придонело да се наруши, инаку, убавиот изглед на џамијата кој бил резултат на складните димензии, живописноста на фасадите, убавите столбови на тремот и ред други детали. Не е познато како изгледал горниот дел од минарето, но од остатоците, со голема веројатност може да се претпостави дека минарето било извонредно убаво и дека имало богато декорирано шерефе.

Theme by Danetsoft and Danang Probo Sayekti inspired by Maksimer