Хаџи Балабан џамија
Џамијата Хаџи Балабан се наоѓа помеѓу Куршумли ан и џамијата Дуќанџик. Годината на изградба на овој објект не е позната, бидејќи не е зачуван натписот над влезот во џамијата, ниту нејзиното вакафнаме. Според начинот на градењето што е карактеристичен за постарите градби, според архитектонските елементи, мермерните столбови од тремот, декорацијата и друго, изградбата на Хаџи Балабан џамија може да се датира во XV век. Во прилог на ова зборува и еден надгробен споменик во дворот на џамијата датиран со 1520 година, што наведува на заклучок дека Хаџи Балабан џамијата бил изградена пред оваа дата. Според архивски документи како градител на џамијава се јавува лицето Хаџи Балабан Дулгер-заде, а како година на изградба е наведена 1440.
Хаџи Балабан џамија до денес има претрпено бројни измени поради оштетувањата низ вековите како резултат на разни влијанија. Покривот на џамијата и на тремот е на четири води и е покриен со керамиди. Зачуваните остатоци од сводната конструкција во внатрешноста на џамијата зборуваат дека своевремено Хаџи Балабан џамија имала купола над молитвениот простор. Тоа го докажува и една фотографија во Музејот на град Скопје од 1913 година кога куполата сѐ уште постоела. Двата мермерни столба од тремот што имаат убава декорација на капителите и базисите, се доказ и за сводното покривање на тремот. Минарето на Хаџи Балабан џамија е високо и има полигонална форма, а во него се влегува од тремот.
Хаџи Балабан џамија настрадала во замјотресот од 1963 година, а подоцна е обновена.
Theme by Danetsoft and Danang Probo Sayekti inspired by Maksimer