Капан ан
Капан ан е еден од неколкуте стари анови кои се зачувале во градот. Изграден е во средината на XV век од страна на познатиот војсководач и третиот управител на Скопје Иса-бег. Капан ан, како и останатите анови односно каравансараи градени во големите трговски центри на Османлиското царство, служел за сместување на трговци и нивните каравани како и за патниците што со нив доаѓале од разни краишта.
Зборот „капан“ доаѓа од арапскиот збор „kabbân“ и означува голема терезија, јавен кантар на кој се мерела стоката на големо што се донесувала од надвор. Во поголемите места постоеле јавни складови на стока во кои таа се складирала за подоцна да им се продава на трговците и на занаетчиите. За таа цел служеле ановите наменети за трговија кои биле осигурени и добро чувани. Јавниот кантар (kapan) обично се поставувал во дворот на анот или пред него. Така, по овој кантар, складовите во некои градови се нарекувале капан-анови или само капан. При мерењето на стоката се наплатувала кантарина, кантарска такса (resm-i kantar). Сѐ што се донесувало во градот, а било наменето за продавање, требало да се мери исклучиво на државниот кантар и се барало строго придрживање на оваа мерка. Најстар податок во кој се спомнува овој објект е од 1467/68 година во кој се спомнува под името „каравансарај на Иса-бег“, а веќе во 1506 година овој објект се среќава под името Капан ан. Не се исклучува можноста од постоење на неколку пункта во Скопје каде што се наоѓале спомнатите терезии, имајќи ги предвид големината и значењето на Скопје пред крајот на XV и почетокот на XVI век, како и развиените врски на градот со соседните области. Анот се состоел од внатрешен двор со трем околу кој, во приземјето се нижеле 20, а на катот 24 простории. Неговата површина изнесува 1086 м2 и бил изграден од цврст материјал, во наизменични слоеви на камен и тула. Шталата во која наоѓал сместување товарниот добиток била лоцирана на источната страна на анот.
Димензиите на овој објект, начинот на градењето како и неговата местоположба зборуваат за улогата и значењето што го имал во минатото во трговскиот и економскиот живот на Скопје и скопската чаршија. Неговата локација и денес е многу погодна. Имено тој се наоѓа во самата чаршија, речиси на нејзиното најпрометно место. Капан ан заедно со дуќаните што се подигнати околу него претставува посебен комплекс во Чаршијата.
Theme by Danetsoft and Danang Probo Sayekti inspired by Maksimer