Куршумли ан е еден од најубавите и најпознати споменици на културата во Скопје, и претставува монументален објект од исламската профана архитектура. Се наоѓа во чаршијата. Изграден е во средината на XVI век од страна на Муслихудин Абдул Гани, познат како Муезин-оџа Ал-Ма’дини. Куршумли ан му припаѓал на големиот вакаф на Муезин-оџа кој имал свои задужбини во повеќе места на Румелија, како Скопје, Нови Пазар, Трепча и Митровица. Заедно со останатиот имот на овој легатор што се наоѓал во Скопје, и Куршумли ан бил завештан на познатата Дуќанџик џамија што Муезин-оџа ја изградил во Скопје.
Отпрвин Куршумли ан бил познат како ан на Муезин-оџа, по името на својот основач и градител. Се смета дека називот „куршумли“ (kurşunlu) најверојатно го добил некаде во XIX век како „ан со оловен покрив“ бидејќи за разлика од другите анови во Скопје, покривот му бил направен од скапо олово. Оваа масивна двокатна структура има централен двор, типичен за ваков вид градби.Анот има површина од 2 800 м2. Се состоел од два дела, од кои едниот служел за сместување на трговците и нивната стока, а во другиот дел се наоѓала шталата со помошни простории и простории за послуга. Главниот дел на анот има речиси квадратна основа и се состои од приземје и кат. Изграден е околу исто така квадратен двор што е опкружен со широк трем на аркади, како на приземјето, така и на катот. Во приземјето има 28 простории, а на катот 32. Во дворот на Куршумли ан се наоѓа шадрван со автентична камена чаша. Водата за овој шадрван, како и за шадрванот пред Дуќанџик џамијата се доведувала преку два водоводи што ги изградил Муезин-оџа. Куршумли ан со своето постоење одиграл важна улога во развитокот на трговскиот живот во Скопје, кое претставувало и јака транзитна точка во пошироката трговска циркулација.
Откако престанал да ја врши функцијата за која бил изграден, Куршумли ан се користел за различни цели. Така, во втората половина на XIX век бил претворен во вилаетски затвор. Како склад за оружје служел по Првата светска војна, а потоа во него бил сместен лапидариумот на Музејот на Јужна Србија. Од 1955 година во Куршумли ан е отворен Лапидариумот на Археолошкиот музеј на Македонија. Во летните месеци извонредно акустичниот простор на Куршумли ан служи за разни концерти и културни настани.
Theme by Danetsoft and Danang Probo Sayekti inspired by Maksimer