Сули ан
Во непосредна близина на Чифте амамот и Мурат-пашината џамија во срцето на чаршијата се наоѓа поранешниот Караван-сарај, Сули ан. Сули ан е изграден во првата половина на XV век. Негов ктитор бил Исхак-бег, војвода и командант на Скопското краиште и во неговото завештание е оставен како дел од имотот на Исхак-беговата (Шарена) џамија. Сули ан служел за сместување и престој на патниците и трговците со нивните карaвани. Во заветот на Исхак-бег, анот се споменува под името„Стар ан“. Името „Сули“ (sulu–воден) го добил по водата, односно реката Серава која течела покрај неговата источна страна. Зафаќа површина од 2 101 м2. Тремот бил изграден на 18 камени столбови. Во приземјето имало 27 засводени простории, а на катот 30. Во анот се влегувало низ два влеза.
Во текот на XVI век Сули ан бил пренаменет и на долниот и на горниот кат биле отворени дуќани, главно, во сопственост на Евреи. По земјотресот од 1963 година Сули ан, речиси, целосно бил разрушен, а подоцна повторно е обновен. Од крајот на XIX и почетокот на XX век служел како магацин и живеалиште. Сули ан целосно е обновен во 1972 година и во него денес се сместени Музејот на Старата чаршија како депанданс на Музејот на град Скопје,а од 1982 година и Ликовната академија - Факултет за ликовни уметности.
Theme by Danetsoft and Danang Probo Sayekti inspired by Maksimer