Католичка црква Пресвето Срце Исусово
Црквата Пресвето Срце Исусово или Католичка Црква, како што е позната помеѓу локалното население, е сместена на главната улица во Битола – Широк Сокак.
За формирањето на црквата најзаслужни биле Лазаристите кои во XIX век започнале со идеја за ширење католичката вера меѓу православното население во Османлиската Империја. Основач на парорхијата во градот бил Жан Жозеф Лепавек кој во 1857 година го купил хотелот Локанда на Широк Сокак. Хотелот Локанда бил официјален хотел кој служел за потребите на воените лица од Третата османслика армија. Бил откупен со донација на француската влада, една голема сума на злато, а целта трансакција се одвилала преку Реџеп Паша.
Жозеф Лепевек направил мал параклис на таванот со димензии 15 х 7 х 4 метри, каде што на Велигден 1857 г. ја отслужил првата Божествена литургија. Капелата била посветена на Светото Срце Исусово, а централно место заземала специјално донесената иконата Пресвето Срце Исусово.
Католичката мисија имала голема поддршка од францускиот конзулат, кој на различни начини ја поддржувал во работата. Особено значајна е улогата на Белег де Буга, кој извесно време просториите на лазаристичката мисија ги користел за потребите на Францускиот конзулат. Во 1870 година на сегашната локација била изградена нова католичка црква во барокен стил, била поставена и провизорна камбанарија, која брзо замолкнала поради незадоволството на муслиманското население. Црквата и камбанаријата изгореле во пожар во 1900 година. На истото место, во 1909 г. со обезбеден султански ферман е изградена денешната Католичка црква во неоготски стил. Според планот градењето на нова црква требало да чини 72 475 франци. Архитектонскиот план за изградба на црквата бил дизајниран од француски архитект, но реализиран од македонските мајстори.
Внатрешноста на црквата се состои од три олтари, голем број на икони и статуи во различни големини, крстилници и клупи за верници. Главниот олтар од костеново дрво во готски стил бил изработен во Минхен, Германија. Останатите два помали олтари биле изработени во новоготски француски стил. Новиот олтар, како и амвонот биле изработени во 1975 год. од ореово дрво, а ги изработил Ѓорѓи Караџов. Камбанаријата на црквата била изградена во периодот 1938 – 1940 год. и е подарок од словенечките верници. Денес Католичката црква, продолжува да им служи на верниците во битолскиот регион и со гордост стои како една од главните туристички атракции во градот.
Theme by Danetsoft and Danang Probo Sayekti inspired by Maksimer