Големата воена болница
Градбата била започната некаде во 1885 година, а целосно била финализирана за време на валијата Ејуп Паша. Според преданието, османлиските власти заклале три овни, ги наденале на кол и ги поставиле на три локации во Битола. Еден кај месноста Крива Воденица, еден на патот кон Прилеп и еден на падините на Пелистер, на патот кон село Лавци. Првите два овни побрзо се расипале и смирисале, а третиот (на патот кон село Лавци) најдоцна започнал да се распаѓа. Интересно, оваа приказна ја има речиси за секој објект од здравствен карактер, или за личен станбен објект на некој бег. Согледувајќи дека тука има поволни климатски услови, одлучено било болницата да биде изградена тука. Во близина на болницата била и Коњичката касарна, а бил пробиен и пат кон Црвената и Белата касарна. Во ова болница работеле исклучиво странци и лекари кои го стекнале своето образование во странство. Најголемиот дел од вработените биле Грци, Евреи и Италијанци. Во 1908 година го добила и првиот рендген апарат со што веројатно станува една од ретките, ако и не прва болница во османлиска Македонија што имала ваков апарат. Интересно е да се спомене дека во оваа болница се вршела и вакцинација против сипаници кои биле особено честа појава во Битола. Во Битола имало неколку епидемии на сипаници, од кои забележани се онаа од 1897 година, една во 1903 година, а една особена голема околу 1908/1909 година. Болницата опстоила и за времена Балканските и Првата светска војна иако главна болница за српската војска била Военото училиште. По војната тука повторно била сместена воена болнца која продолжила да функционира сè до 1941 година. По ослободувањето, во 1949 година, оваа болница прераснала во специјалистичка болница за болни од туберкулоза. Со формирањет на Универзитетот Св. Климент Охридски во Битола се појавила потребата за нов студентски дом. Така било решено во објектот на болница да биде сместен студентскиот дом. Објектот е зачуван и до денес се користи како студентски дом.
Theme by Danetsoft and Danang Probo Sayekti inspired by Maksimer