Фотограф
Непознат
Моментална состојба
Постоечки објект
Место
Битола
Саат кула Саат кула Саат кула Саат кула

Саат кула

Саат кулата за многумина претстава еден од најважните симболи на градот Битола. Сместена е во Градскиот парк, во срцето на Битола, на просторот помеѓу црквата Св. Димитрија и Јени-џамијата, на некогашниот Пекмез-пазар. Паркот е собиралиште за младите жители на градот, како и едно од најпосетените места од страна на туристите. Пред да биде изградена оваа саат кула постеола друга, дрвена, која се споменува низ неколку документи, но никакви поопсежни траги за неа не опстоиле. Денешната саат кула е изградена во периодот 1837-1839 година. Според легендата, кулата е изградена кога османлиските власти од градот  поминале по сите околни села и собрале околу 60 000 јајца од коишто направиле малтер. Од смесата измешана со камења ја изградиле кулата чии цврсти ѕидови стојат до денес неоштетени. Кулата има основа во облик на квадрат, со страни од по 5,8 метри и во нејзе се влегува од северната страна. Висока е околу 32 метри. Внатре постојат спирални скали со кои се стигнува до горниот крај на кулата. На врвот на кулата се наоѓаат тераси со ковани огради, а на сите страни на терасите се наоѓаат конструкции коишто држат светилки, така што целата кула и нејзиниот часовник се видливи и ноќе. Часовникот се наоѓа на најгорното од трите нивоа. На едната страна од саат кулата има плитка камена резба на која е прикажно како еден јастреб убива змија. Ова дело се препишува на смилевските мајстори, а за значењето на рељефот може само да се шпекулира. 
До 1912 година, времето било означувано по турски начин, односно саатите се одбројувале по заоѓањето на сонцето. По 1912 година било воведено современото сметање на времето. Првиот бројчаник и саатен механизам изработен од германското претпријатие „Конфаге“ бил поставен во 1927 година, со што лицата задолжени да ги удираат камбаните биле заменети од саатџиите, кои го одржувале саатот и неговиот механизам. Првиот бројчаник бил бел со црни броеви и стрелки, и бил помал од денешниот. Часовник бил заменет во 1936 година пред започнувањето на Втората светска војна со понов и многу попрецизен часовник. Новиот саат го купиле Германците во знак на благодарност на граѓаните за германските гробишта коишто ги подигнале за жртвите од конфликтот во Битола, заедно со англиските и француските гробишта за време на Првата светска војна. Тогаш бил заменет саатниот механизам, а биле поставени и 15 ѕвона, тешки 900 килограми. Часовникот ги отчукувал часовите со посебни мелодии. Во 6 часот наутро саатот ја отчукувал мелодијата на химната св. Сава, во 18 часот песната Билјана платно белеше, а во 21 часот песната Добри другари. За време на Втората светска војна Саат кулата служела и како набљудувачница на бугарската војска.
 По ослободувањето механизмот бил обновен во 1962 година, а во 1970 година била поставена и клавијатура за изведба на нови композиции. Во текот на обновата од 2009 година, бил обновен и самиот саатен механизам, при што помогнале и германски стручњаци. Со репарацијата на механизмот се изгубила песната „Таму ле мајко, близу Битола“, посветена на народниот херој Таки Даскало, која со децении била отчукувана во исто време. По промената на механизмот, останала да се слуша само песната „Битола мој роден крај“ на Ајри Демировски. Денес овој објект представува еден од симболите на Битола кој веќе 182 години го отчукува времето.

Theme by Danetsoft and Danang Probo Sayekti inspired by Maksimer