Железничка станица
Во услови на остра конкуренција англискиот, францускиот, австроунгарскиот и германскиот капитал за изградба на железничката линија Солун - Битола победил последниот. Концесијата му била доверена на Алфред Каула со султански ферман во 1890 година. Каула барал концесија на 99 години за изградба и експлоатација на пругата. Од друга страна, на Каула му било доверено и проучувањето на уште две можни железнички линии, од кои едната од Битола за Валона, а другата од Битола за Драч. Османлиската држава се обврзала дека ќе му плати 114 000 франци за секој километар, па така за 220 км, османлиската држава исплатила 25 080 000 франци. Изградбата требало да трае три години и 6 месеци, па така таа била завршена и предадена во употреба во 1894 година на 14 јуни. Првата делница Солун - Верткоп била пуштена уште во 1892 година, додека делницата Верткоп - Битола доцнела со изградба поради тоа што тешко се прокопувале тунелите и вијадуктите. Во изведувањето на работата на железничката линија учествувале вкупно 2 773 работници.
Колку оваа железница била ефективна се гледа и по тоа што во 1894 година биле пренесени 20 188 тони стока, а во 1895 година 33 860 тони. Прометот на патници бил стимулиран со тоа што цената на билетите се намалила за 30% и се издавале билети со важност од 2 до 5 дена. Незапирливиот развој на оваа железничка линија се согледува и по тоа што во 1907 година биле пренесени 207 822 патници и 102 995 тони стока, речиси пет пати повеќе отколку во првата година од нејзиното работење.
Железницата многу малку се користела за патнички транспорт. Причината за тоа биле релативно високите цени, бидејќи, на пример, од Битола до Кенали (денешна Кременица) билет за прва класа чинел 11,5 гроша, за втора класа 8,5, а за трета класа 5 гроша. Селото Кенали од Битола е оддалечено едвај 15 километри. Билетот пак, од Битола до Солун за прва класа чинел 148,5 гроша, за втора класа 110 гроша, а за трета класа 71,5 гроша.
Објектот на железничката станица бил граден во духот на европската архитектура со еклетктични елементи од повеќе архитектонски стилови. Централниот објект е на приземје и кат, а до него се прилепени два објекти на приземје. Денес објектот сè уште функционира како железничка станица, потполно е реновиран и зачуван.
Theme by Danetsoft and Danang Probo Sayekti inspired by Maksimer