Фотограф
Непознат
Место
Битола
Моментална состојба
Непостоечко теќе
Хусеин-баба теќе

Хусеин-баба теќе

Теќето Хусеин-баба во Битола припаѓало на бекташкиот дервишки ред. Точната година на изградба не е позната, но според некои претпоставки тоа било изградено кон крајот на 18 и почетокот на 19 век. Силсилата односно духовните наследници на постот во Хусеин-баба теќето во Битола била следна: Хусеин-баба (по кого е наречено теќето) - Сулејман-баба - Сали-баба - Ибрахим (баба). Ова бекташко светилиште било посетувано како од битолските бекташи, исто така и од бекташите од селата од Преспа, кои го сметале за централно бекташко светилиште. Околу самото теќе со текот на годините ќе се доселат преспански фамилии, особено Албанци - бекташи, создавајќи на тој начин во Битола една мала преспанска (бекташка) населба. По Втората светска војна за теќето останал да се грижи Ибрахим-паша, еден од синовите на Сали-баба. Не е познато дали Ибрахим-паша ја извршувал улогата на баба во теќето, или едноставно бил служител кој се грижел за неговото одржување. Во овој период, дали исплашени од комунистичката власт, теќето почнало да добива позатворена форма. Не дека било целосно затворено за верниците, но, на некој начин обредите, па и посетите се редуцирале и се одвивале во тајност. На тој начин бекташкото теќе во Битола, Хусеин-баба, веќе го губи сјајот со кој зрачело низ годините, односно вековите. 

Theme by Danetsoft and Danang Probo Sayekti inspired by Maksimer