Црквата „Св. Богородица Болничка“ е изградена во стариот дел од градот, во близина на брегот на Охридското Езеро. Изградена е во маалото кое се викало Болничко, бидејќи во средниот век тука постоела болница. Веднаш до оваа црква се наоѓа црквата „Св. Никола Болнички“ и всушност двете ги дели само еден сокак. Според некои научни автори оваа црква претставувала католикон на единствениот градски женски манастир во Охрид. Црквата е изградена околу 1368-1370 година од страна на ктиторот Јаков, игумен на Светиклиментовиот манастир на Плаошник. Таа била изградена како еднокорабна градба и во истиот период била фрескоживописана. Фреските од овој период се останати само на северниот ѕид од наосот и во олтарот. Околу 1400 година црквата била реконструирана со попречен брод - трансепт, поставен над наосот, и декорирана со нови фрески на сводот, на јужниот ѕид и олтарот. Во црквата е интервенирано и во XVI и во XVII век, а последен пат е интервенирано во 1834 година кога повторно е живописана, така што старите фрески биле покриени со малтер. Во 1959/60 година се извршени конзерваторски работи и овој живопис е внимателно отстранет и сега се наоѓа како експонат во припратата на црквата. Во црквата е поставен резбан иконостас израбоен од ореово дрво во 1833 година од резбарот Никола Дарковски Караџовиќ од Лазарополе, спаѓа меѓу најубавите копаничарски достигнувања во Охрид и неговата блиска околина. На него има 2 престолни икони од XVII век, царски и северни двери од 1808 година. Денешната црква претставува еднокорабна градба со попречен трансепт и полукружна источна апсида. Во неа се влегува од западната и од јужната страна. Западно и јужно од црквата е изградена затворена припрата, во која може да се влезе само од јужната страна. Целиот црковен двор е ограден со висок ѕид изработен од камен и цигла. Црквата е секојдневно отворена за верници и посетители, и во неа се богослужи на денот на светите маченици Кирик и Јулита, на 28 јули, бидејќи тика се чуваа светите мошти од мачениците Кирик и Јулита. Иако светите мошти беа украдени од црквата во 2006 година, сепак таа традиција продолжува да се одржува, со надеж дека истите ќе бидат вратени.
Околу црквата се наоѓаат повеќе гробови на монаси или игумени, како и заедничка гробница.