Тутунсуз џамија
Тутунсуз џамија се наоѓа во источниот дел на старо Скопје, под Гази Баба. За неа не постојат доволно податоци бидејќи не е зачуван натписот над влезот во џамијата, ниту дали е зачувано нејзиното вакафнаме. Се претставува дека џамијата била изградена во XVII век, но не е познат градителот, така што не се знае ниту нејзиниот првобитен назив. Постои податок за постоење на Тутунсуз медреса, која најверојатно била изградена покрај џамијата.
Тутунсуз џамија е зачувана во доста изменет изглед за што придонеле интервенциите извршени по земјотресот од 1963 година, кога молитвениот простор бил зголемен за сметка на тремот. Минарето е целосно зачувано. Во долниот дел е градено од камен и тула, а потоа само од обработен камен. Било ставено големо внимание на естетскиот изглед што се гледа од примената на повеќе декоративни елементи применети на влезот во минарето, шерефето и под самиот врв.
Дворното место е израмнето и уредено, но нема ниту еден надгробен споменик од некогашните гробишта. Меѓутоа надвор од џамискиот двор пред околните куќи се забележуваат повеќе испокршени нишани и мермерни плочи што потекнуваат од гробиштата на Тутунсуз џамија.
Во врска со називот „Тутунсуз“ под кој е позната оваа џамија, кај скопското население постои предание според кое џамијата била изградена од човек кој се откажал од пушење, а заштедените пари ги вложил во нејзина изградба.
Theme by Danetsoft and Danang Probo Sayekti inspired by Maksimer