Црквата „Св. Јован Богослов“, или „Св. Јован Канео“, е изградена на една висока карпа, над Охридското Езеро западно од рибарската населба Канео. Нејзината местоположба, поставена на едно доминантно место со широк видик кон југоисточната и северозападната страна на езерото, на црквата и дава вонредна убавина. Малку повисокот од неа е Плаошкиот манастир „Св. Климент Охридски“ и овие две цркви најблиску се поврзани со пешачки патеки. Црквата е изградена во XIII век и претставува крстокуполна градба, со впишан крст во правоаголен простор со ценрална осмострана купола. Во основата е изграден камен, а потоа наизменично се поставени бигор и печена тула, со кои што фасадата на црквата е богато декорирана, а особено околку прозорците на куполата. Најстариот фрескоживопис во црквата е датиран од 1290 година и е зачуван во апсидата и куполата. Подоцна кон крајот на XIX век се изградени странични анекси од северната, западната и кужната страна, кои денес не постојат. Во 2006 година во црквата е поставен нов иконостас изработен од резба, и на него се поставени икони изработени од уметникот Владо Коцарев од Охрид. Во оваа црква неколку пати во годината се служи света Литургија, и секојдневно е отоврена за верници и посетители.