„Вознесение Христово – Свети Спас“
Црквата „Вознесение Христово“ е главна селска црква во селото Лескоец. Таа е изградена во почетокот на XV век, односно во 1426 година. Се наоѓа високо над селото во шумата, и до неа се доаѓа преку асфалтиран пат, кој води околу 2 км од селото до неа. Околу црквата се наоѓало и тогашното село Лескоец, меѓутоа долго време тоа е напуштено и новите куќи на лесковчани се наоѓаат долу на почетокот од источната страна на Охридското Поле. Црковниот двор е ограден со камена ограда и внатре се селските гробишта кои се наоѓаат западно, северно и јужно од црквата. Црквата е градена од кршен камен и претставува еднокорабна градба со полукружен свод и тристрана апсида од источната страна. Покриена е со керамиди на две страни и во неа се влегува преку затворената припрата од западната страна на црквата. Црквата има два влеза, од западната и од јужната страна, и во неа се влегува симнувајќи се по едно скалило надолу, додека влезните врати се со помали димензии. Внатрешноста на црквата е целосно фескоживописана и во голем дел е сочуван оригиналниот живопис, од истиот период кога е изградена црквата. Од насликаните фрески се издвојува ликот на свети Климент Охридски, претставен како предава благослов со десната рака, а во левата го држи моделот на градот Охрид. Значајни се и ликовите на Тоде и Булка, кои се претставени на јужниот ѕид, и кои се веројатните ктитори од месното население. Во црквата има иконостас на кој има три престолни икони, царски двери и северни двери на кои има икона во цела должина. Над нив е вториот хоризонтален ред во кој на долга дрвена даска се насликани 11 ликови, а над нив иконостасот се стеснува и тука е поставено Распетието. Во црквата неколкупати во годината се служи света Литургија.