„Успение на Пресвета Богородица - Велестово“
Црквата посветена на „Успение на Пресвета Богородица“ се наоѓа во центарот на селото Велестово. Црковниот двор е простран и од него се пружа прекрасен поглед кон градот Охрид и Охридското Езеро. На влезот од дворот, северозападно од црквата е изградена новата црковна трпезарија, додека од западната, северната и јужната страна на црквата се наоѓаат селските гробишта. Црквата претставува еднокорабна градба со полукружна апсида од источната страна. Поради поставеноста на црквата на ридски терен источната страна на црквата заедно со апсидата до пола е вкопана во земја. Црквата е градена од кршен и делкан камен, кој е употребен на аглите од црквата и на надвратниците, и е покриена со керамиди на две страни. Од северната, западната и јужната страна на црквата се доградени два анекса и припрата, кои во поново време се преѕидани со камен и се покриени со керамиди. Западно од црквата на влезот од припратата е доградена мала камбанарија која е потпрена на два бетонски столба, и во неа има една камбана. Овие доградувања на анексите, припратата, камбанаријата како и црковната трпезарија се изршени во 1977 година. Во припратата се влегува од западната страна, додека во црквата има два влеза од западната и од јужната страна. Над западниот влез во полукружна ниша е насликана Богородица со Христа, а лево и десно од неа, со поголени димензии се насликани Архангелите Гаврил и Михаил. Меѓутоа во поново време на целата надворешност на црквата, која е покриена од припратата и од северниот и јужен анекс, е поставена нова фасада со која е покриен каменот. Црквата е изградена кон средината на XV век и во неа е сочуван изворниот фрескоживопис, насликан во две етапи од кои првиот потекнува од 1444, а вториот од 1451 година. Внатрешноста на црквата е засводена и во неа е поставен едноставен дрвен иконостас. На него има четири престолни икони, царски двери над кои има катапетазма насликана на платно во 1895 година, и северни двери. Над престолните икони има девет помали икони, и над нив дрвено Распетие. Иконостасот и иконите се изработени во 1934 година од зографот Рафаило Крстев од Лазарополе. Во олтарот светиот престол е вграден во источниот ѕид, и лево од него е жртвеникот, а десно е ѓаконикот, и над нив има три полукружни апсиди, од кои среднишниата е поголема од останттите и на неа има мал прозорец.