Хаџи Дургутова џамија
Хаџи Дургутовата џамија е најстарата џамија во Охрид, изградена во 1466 година. Од многуте легенди и преданија кои се кажуваат за таканаречената Крст џамија или со вистинско име Хаџи Дургутова џамија во Охрид, за сите заедничко е дека морало да се направи компромис меѓу двете религии, православната христијанска и исламската, за да опстои објектот.
Овој културно-историски споменик стоејќи на пресекот на две улици до ден-денес служи како ориентација на движењето и на месното население, но и на гостите кои го посетуваат Охрид.
Легенда!
Овој културно-историски споменик требало да биде црква. Но во отоманско време, не се дозволувало да биде црква. Бидејќи Османлиите живееле на македонска територија, решиле да направат некаква спогодба и на врвот ставиле крст. Затоа и народски се вика Крст џамија, велат охриѓани. Постарите жители се сеќаваат на кажувањата на нивните предци, дека христијанското население сакало на местото, кое уште од дамнина било „распаќе“ во Охрид, да подигне црква. Но Турците не дозволувале да биде така во периодот на нивното владеење. На тоа место направиле џамија, но при градењето минарето секогаш паѓало. Некој стар жител им рекол сѐ додека не стават крст на џамијата, нема да ја направат. Некои велат дека Турците го ваделе крстот и го фрлале во езерото, но следното утро тој повторно бил на старото место.