Казанџилер џамија
Казанџилер џамија се наоѓала во Скопската чаршија, во непосредна блзина на Куршумли ан и тоа пред неговиот главен влез.
Точната дата на изградбата не е позната, но може да се тврди дека потекнува од пред 1550 година според вакфнамето на Дуќанџик џамија и Куршумли ан, во кое се споменува индиректно и тоа во врска со одредувањето на границите на Куршумли ан, кој бил лоциран во маалото Танривермиш, а се граничел со јавен пат и со дворот на џамијата од три страни, како и со амамот на завештателот.
Заедно со другите монументални градби, како што се Куршумли ан и Шенѓул амамот претставувала важен архитектонски и функционален комплекс карактеристичен за постарата урбанистичка концепција на османлиските градови. Името го добила по казанџискиот еснаф кој својата дејност ја вршел во непосредна близина. Зборот „kazanciler“ е предаден во множина со значење „казанџии“, па името означува џамија на казанџиите, казанџиска џамија.
Џамијата била од типот на еднопросторни куполни џамии со приближно квадратна основа. Тремот на џамијата бил поставен пред централниот дел во целата широчина на џамијата, а од страните бил затворен со полн ѕид изграден на ист начин и во иста техника како и останатите ѕидни површини. Двете мали куполи од тремот и цилиндричниот свод помеѓу нив се потпирале на два столба во средината како и на страничните сводови, каде што во форма на капител била изработена сталактитна декорација. Се претполага дека и оваа џамија порано била покриена со олово, а подоцна со керамиди. Минарето на Казанџилер џамија не било слободно изградено, туку излегувало од самата џамија, зафаќајки ја дебелината на ѕидот од молитвениот простор и тремот. Делот на минарето над покривот на џамијата отпрвин имало двадратна форма за потоа да премине во осумстранен дел. Во него се влегувало од тремот и се пристапувало најнапред на едносмерно столбиште, кое водело до височината на кровот. Од таму за искачување на шерефето отпочнувало спирално столбиште кое оформувало снажен стожер. Скалите биле изградени од редови камен и тула. Дворедните прозорци од џамијата биле поставени во обработени камени рамки.
Во текот на неколкувековното постоење Казанџилер џамија била изложена на оштетувања од забот на времето и од природните стихии. Конзервирана и зацврстена во 1950 година џамијата била во целина зачувана до земјотресот во 1963 година. Од силните потреси во земјотресот била претворена во урнатини. Во 1975 година била целосно урната, а просторот на кој се наоѓала, денес е озеленетиот простор пред Куршумли ан.
Theme by Danetsoft and Danang Probo Sayekti inspired by Maksimer