Црква Свети Спас
Црквата Св. Спас се наоѓа источно од тврдината Кале и е оградена со висока камена ограда. Таа е споменик на културата заштитен со закон, а во нејзе се врши богосложба и верски обреди само за нејзиниот патронен празник Спасовден. Се смета за најстара од сите цркви во Скопје. За сега не постојат изворни податоци за тоа кога е изградена црквата и каде точно се наоѓала. Се смета дека сегашната зграда билаподигната кон крајот на XVI или на почетокот на XVII век. По пожарот во XVIII век долго време се наоѓала во урнатини. Била обновена во 1820 година. Од францускиот патописец Ами Буе се дознава за црковните борби во градот Скопје кои се одвивале околу црквата Св. Спас, во врска со двојазичното богослужење.
Градбата е ниска како сите сакрални објекти од од тој период на ова подрачје што е резултат на тогашните забрани од турската власт. Црквата Св. Спас по својот надворешен изглед е неугледна градба, односно по ништо не се разликува од градбите што ја опкружуваат. Таа е вкопана во земја и во неа се влегува низ 7 скалила од надвор и 4 внатре во црквата. Во основа е трибродна базилика средниот брод е засводен , а страничните се рамни. Апсидата е на источната страна, а на западната страна е подигната галерија за жени. Планот на црквата е неправилен, односно ширината не е во сооднос со должината на градбата. Монументалниот дрвен иконостас е второ дело на талентираниот копаничар од мијачкиот род, Петре Филиповски од с. Гари. Го изработил со брат му Марко, и со Макарие Фрчкоски. Покрај иконостасот кој бил завршен во 1824 година тие ги изработиле и владичкиот престол, проповедалницата, проскинитерот(постолјето за целивање на икони)и двете певници. Во 1867 за црквата помали икони изработил најпознатиот македонски зограф од XIX век Дичо Крстев, а Петре Новев Пачаровски, од неговата тајфа, ги изработил двете престолни икони и една поставена на јужната страна.
Во дворот на црквата доминира камен саркофаг со посмртните остатоци на македонскиот револуционер Гоце Делчев.
Theme by Danetsoft and Danang Probo Sayekti inspired by Maksimer