Црквата се наоѓа во строгиот центар на Охрид, во стариот дел на градот, над стариот чинар. Во Охрид оваа црква е најпозната како „Света Богородица Каменско“. Црквата е изградена во 1832 година врз темели на постара градба од протомајсторот Теодор чие има се наоѓа издлабено на источната апсида. Надворешно црквата претставува еднокорабна градба со петострана апсида од источната страна и која е покриена со керамиди и две страни. Изградена е од камен, кој на аглите од црквата е обработен, и под покривот е изведен декоративен двоен венец од бигор. Во црквата има два влеза, од западната и од јужната страна, но се користи само јужниот влез. Постои уште еден влез од јужната страна во олтарот, но тој се користи само при специјални прилики. Од западната и југозападната страна на црквата е дограден затворен трем. Над западниот влез е изградена осмострана висока купола која претставува камбанарија. Камбанаријата е изградена од бигор и печена тула. Пред источната апсида има повеќе гробови на постари свештеници, и тука се наоѓа гробот на митрополитот Дебарско-кичевски Методиј (1914-1976 година). Влезот во црквата е овозможен преку југозападниот трем, на кој има поставено три високи дрвени врати, од кои средната е најголема, а над нив во три посебни ниши е поставен мозаик со Деизис. Веднаш над влезот се наоѓа продавница за свеќи и литература, и во малиот ходник има дрвени скали кои водат до просторија над тремот, во која е сместена црковната библиотека, изработена од резбано ореово дрво. Над западниот влез има Галерија на икони, во која се поставени шеесетина икони кои се датираат од XVIII и XIX век. Внатрешно црквата претставува трибродна базилика, во која средишниот кораб е најголем и на кој се изработени две куполи, поставени на пандатифи и шест камени столба. Од внатрешната западна страна на црквата е изградена дрвена катна галерија во која се доаѓа преку дрвени скали кои првично биле поставени од западниот трем, додека во 2002 година се поставени нови скали од внатрешноста на црквата. Во црквата е изведен фрескоживопис во 1863/64 година од тајфата на Дичо Зограф од Тресонче, заедно со неговите синови Аврам и Спиридон и зографот Петре Јованов. Во црквата постојат два натписи во кои е запишано фрескоживописувањето. Првиот натпис се наоѓа над јужната влезна врата, и е наведено дека фрескоживописувањето е извршено на 30.V.1863 година во времето на свештениците Ставре, Стефан и Христос и епитропот Стефан Тримче. Вториот натпис се наоѓа во олтарот, од јужната страна на ѓакониконот. На овој натпис е напишан датумот 20.III. 1864 година, времето кога живописот бил завршен од истите зографи.
Фрескоживописот во црквата била пресликан во 1924 година од страна на лазарополски зографи и истиот во почетокот на деведесетите години од минатиот век е очистен од последните интервенции и конзервиран. Во 2004 година на западниот ѕид од црквата под катната галерија е насликан фрескоживопис од страна на уметниците Васе и Тони Чуркоски од Струга.
Во црквата е поставен импозантен позлатен дрвен иконостас изработен во длабока резба. Иконстасот кој е заштитено споменичко добро е изработен во 1845 година, а изведен е од Димитар Станишев, ученик на Петре Филиповски – Гарката и се одликува со високи квалитети на македонската резбарска традиција, што се изразува во ажурно изведената билна орнаментика на лунетите над престолните икони и резбата на владечкиот трон. Раскошноста на резба е надополнета со позлата изведена во 1867 година. На него има 8 престолни икони и северни и јужни двери на кои има по една икона во целата должина. Иконите се изработени од зограф Мануил Георгиу од Селица во 1845 година, додека царските двери се пресликани од Дичо Зограф во 1867 година. Над престолните икони има два реда на богата украсна резба и над нив има 28 помали икони. Над овие икони е поставено Распетие изработено во резба со повеќе декорации.
Во црквата „Успение на Пресвета Богородица“ има секојдневна богослужба и редовно се богослужи света Литургија во неделните денови и во делничните денови од седмицата кога ќе се падне голем светител. Исто така се одржуваат и часови по Веронаука и по Источно-византиско пеење. (Дебарско-кичевска епархија).