Откако Охрид потпаднал под османлиска власт, во согласност со традицијата што се применувала во сите освоени места, со цел да се задоволат религиозните потреби на муслиманското население, најголемата црква во градот била претворена во џамија. Така, црквата „Света Софија“, која се чини дека е изградена на местото на многу стара базилика, станала првата голема џамија во градот. Кога оваа градба била претворена во џамија, таа претрпела измени и биле направени неколку доградби на зградата. Сите фрески биле покриени со вар. Во џамијата бил поставен минбер, а минаре било додадено на просторот што се издига од точниот центар на куполата на левата страна од западниот влез (нартекс). Ова минаре, било обликувано како оџак, немало балконска проекција (шерефе), а повикот за молитва се рецитирал од малите отвори во форма на прозорци на самиот врв.
Во своето дело „Сејахатнаме“, Евлија Челеби дава многу вредни информации за џамијата „Света Софија“. Тој наведува дека џамијата „Света Софија“ се наоѓа на брегот на Охридското Езеро, во близина на сарајот на Пашата, и дека иако порано била место за богослужба на немуслимански граѓани, сега е величествена и сјајна џамија. Евлија Челеби забележал дека џамијата немала верници бидејќи се наоѓала меѓу немуслимански куќи, дека била во урнатини и дека само еднаш во неделата, во петок, била отворена за извршување на петочните молитви. Понекогаш и христијаните влегувале во џамијата и набрзина се молеле на Бог по христијански обред поради благослов Божја, а потоа ќе го напуштеле објектот.
Во пописот од 1724 година, човек по име Осман, син на Ахмед, кој живеел во населбата Хаџи Халил, се споменува како имам на џамијата „Света Софија“. Од ова може да се заклучи дека џамијата „Света Софија“ била повторно отворена за богослужба во подоцнежниот период.
По падот на османлиската империја џамијата „Света Софија“ престанала да функционира како џамија. Подоцна, минарето било срушено и било подложено на обемна реставрација, целосно бришејќи ги сите траги од нејзиниот статус на џамија.