Џигер-баба
Според запишаните преданија Џигер-баба бил еден од најзначајните ученици на Кирхор-баба. Неговите чудотворни дела биле неоспорни и видливи. Бил особено мудар и полн со доблести. Со него е поврзана и една интересна приказна. Еден ден, на неговата светост Џигер-баба, му пристапила една жена која никогаш не родила, му се поклонила, му ја кажала својата тага и го замолила од Господа да испроси едно чедо. На тоа тој ѝ дал едно јаболко и ѝ наредил едната половина од јаболкото да го изеде сама, а другата половина да му го даде на својот маж, кој тие денови се очекувало да се врати од аџилак. Меѓутоа жената не чекајќи го да се врати ја изела и другата половина од јаболкото. Штом тоа го направила, затруднела и по одредено време родила машко дете. Оние кои биле сведоци на оваа извонредна појава, уште непросветени, овој настан почнале да го објаснуваат на свој начин и невината жена секако да ја клеветат. Во Битола во тоа време особено бил моќен Махмуд-бег, ктитор на џамијата Хаџи-бег. Гласините дека оваа жена детето го родила со Џигер-баба, него многу го растревожиле, но и сопругот на жената, кога овој се вратил од аџилак. И така, во име на народот, па дури и братството од теќето во кое бил старешина Џигер-баба била напишана тужба против него и упатена на султанот. По месец дена, стигнал ферман од Цариград со кој Џигер-баба се осудува на смрт. И така, за да може народот да го види со своите очи овој призор на извршување на смрттна казна, се собрале на пољаната која денес се викала Мириска ливада, всушност на оној плац каде била старата болица, на кој подоцна е подигната касарна за коњички полк. Џигер-баба за да го искуша своето братство од теќето и да им го открие своето совршенство, ги повикал и ги прашал: „Кој од вас ќе се жртвува за мене?“ Тогаш станал Хасан Кешфи ефенди, еден од неговите следбеници, кој иако во цветот на младоста пристапил во редот, но веќе надахнат со светоста на овој човек, рекол: „Јас, господару!“ По оваа изјава, Џигер-баба ги симнал од себе својата х’рка, својата старешинска капа (таџ) и својот појас, па во нив го облекол Хасан Кешфи ефенди и го поставил на своето место, а самиот се вмешал меѓу своите ученици и останал така да го чека завршетокот на своето прашање. Бидејќи Хасан Кешги ефенди по сила на царски ферман е погубен, Џигер-баба истиот ден ја испуштил својата душа. Бил погребан на местото наречено „Табије“. Денес таму се простира фудбалското игралиште. Гробот се сметал за свето место на кое се молат не само припадници на неговиот ред, туку и останатите луѓе. На тоа место некогаш било теќето „Шемими“ (мирислив). Се зборувало дека Џигер-баба е обдарен и од богоугодниот ред „Шемими“.
Според запишаните преданија од Мехмед Тефик, кога на прашањето на Џигер-баба, Хасан Кешфи ефенди одговорил „Јас ќе бидам , господару!“ Овој го благословил и му рекол: „Нека твојот гроб ниту еден ден не биде без курбан.“ Мехмед Тефик запишал дека според кажувањето на турбедарот во турбето Хасан-баба во годината безусловно колеле 365 курбани, од кои џигерот е врзуван за дрвото на Џигер-бабиниот гроб.
Theme by Danetsoft and Danang Probo Sayekti inspired by Maksimer