Шенѓул амам
Шенѓул амам се наоѓал во Скопската чаршија, непосредно до Куршумли ан. Заедно со него и со урнатата Казанџилер џамија која се наоѓала од јужната страна на овој ан, сочинувале значаен урбанистички комплекс.
Не се располага со точни податоци за времето на градењето на Шенѓул амамот. Не е познат неговиот прв основач, макар што според податоците од вакафнамето на Муезин-оџа, може да се каже дека амамот му припаѓал на вакафот на личноста со името Хаџи Мехмед. Во секој случај, овој амам бил изграден уште во XV век.
Не е познато ниту како амамот го добил називот „шенѓул“, кој е архаичен збор со значење: жив, весел, радосен. Во буквален превод би значело „весела, радосна ружа“. Од вакуфнамето се дознава дека Шенѓул амамот со вода се снабдувал од водоводот што го изградил Муезин-оџа за шадрванот во Дуќанџик џамија и за Куршумли ан. Откако престанал да функционира како амам се користел како магацински простор. Како таков го пречекал и земјотресот од 1963 година кој му нанесел големи оштетувања и кога најмногу настрадал просторот на гардеробата. Се урнала целата купола заедно со делови од ѕидовите. Шенѓул амамот бил од типот на единични амами. Се одликувал со складни димензии и имал површина од 600 м2. Фасадите биле многу живописни поради начинот на градење и примената на градежниот материjал, камен и тула. Во амамот се влегувало низ влез поставен на јужната фасада. На овој дел му било обрнато посебно внимание, тој бил импозантен и обилувал со богата декорација.
Покрај големата просторија на гардеробата Шенѓул амамот се состоел уште од малку затоплениот простор како и од просторот за бањање. Од малку затоплениот простор, посетителот на амамот преоѓал во просторот за бањање кој се состоел од средиштен дел со три проширувања како и од три халвети кои биле сместени помеѓу проширувањата. Халветот што се наоѓа во североисточниот агол бил таканаречениот „вруќ“ халвет. Шенѓул амамот поседувал извонредна декорација.