Фотограф
Непознат
Моментална состојба
Постоечки објект
Место
Скопје

Девојчински амам
Овој амам се наоѓал во близина на Јахја-пашината џамија, во кој се бањале само девојките, оттука произлегува и името на амамот. Запазен е само во остатоци кои може да се видат од западната страна на џамијата во дворот на детската градинка „Фидани“. 
Не се знае точно кој е градителот на овој амам, но се претполага дека е задужбина на Хани Хатун, ќерката на Јахја-паша и дека потекнува некаде од првата половина на XVI век. Како што наведува Смаил Софтиќ го изградила Хатиџе ханума, која имала изградено и џамија Хат’нџик. За овој амам Евлија Челеби забележал: „Блиску до Јахја-пашината џамија се наоѓа женски амам. Амамот не се наоѓа на прометна улица, туку на скриено место, бидејќи во овие краишта е голем срам жените да влегуваат во амамите што се наоѓаат во улиците во кои има големо движење на луѓе“. 
Нема податоци до кога овој амам служел на својата намена, но изгледа дека одамна бил напуштен. 
Краток опис за овој амам дава Смаил Софтиќ во своето дело „Муслиманске старине у Скопљу“ во кое вели: Овој амам имал пет кубиња, но денес сите се срушени, само може да се види обликот дека било кубе. Приземниот слој е од камен, а останатиот од цигла. Може да се види и некоја фигура и украс на одредени места, и може да се заклучи дека во својата првобитност бил убав“.

Theme by Danetsoft and Danang Probo Sayekti inspired by Maksimer