Кале
Со преземањето на Скопје во 1392 година, Турците-Османлии ја поставиле својата посада во градот (на Кале), а во подградието ги довеле своите колонисти, ја воспоставиле власта, а после тоа Скопје станало главно упориште и појдовна точка за продирање кон Босна, Србија и други области. Во XV век, главно по трасата на средновековниот град, била надоградувана тврдината, така што целиот одбрамбен ѕид на Калето со пушкарниците, топовските места и кулите датира од периодот на османлиското владеење.
Скопското кале за целото време на османлиското владеење било користено како воено-стратешки објект кој имал големо значење. Според записите на патеписците, меѓу кои и Евлија Челеби, таму биле сместени касарни, магацини, барутани, а со тврдината управувал диздар (командант) кој имал под своја команда 300 луѓе. Со модеризирањето на војската во Османсликата Империја, Калето добило современи касарни и две санитетски простории. Тука биле сместени и управната зграда и станот на Х΄взи-паша, последниот управник (nazir) на Скопскиот санџак. Подоцна, спроти овие конаци бил изграден и новиот вилаетски Уќумат каде што била сместена највисоката вилаетска управа. До Уќуматот биле изградени пошта и затвор, а додадена била и нова касарна. Во текот на петвековното османлиско владеење, па и подоцна, сѐ до 1963 година кога градбите настрадале во земјотресот, Калето секогаш имало воено одбранбена функција.
Во 1915 година, непосредно пред бугарското превземање, во Првата светска војна избувнал пожар во турската касарна на Кале. Во тој период зградите биле претворени во болници каде што биле лекувани болните од тифус и слични заболувања.
Theme by Danetsoft and Danang Probo Sayekti inspired by Maksimer